„Во 2017 година Бугарија беше лидер по темата Западен Балкан, кога беше склучен Договорот за добрососедство меѓу Бугарија и Република Северна Македонија на 1 август, кога премиери на двете земји беа Бојко Борисов и Зоран Заев“. Ова го истакнал денеска техничкиот премиер Димитар Главчев од говорницата на Бугарското собрание за време на неговото сослушување за процесот на европска интеграција на Северна Македонијa
-Со тага го започнувам моето излегува по оваа тема, бидејќи во 2017 година лично учествував во процесот на склучување на договорот за добрососедство со Република Северна Македонија, додал Главчев.
Тој додал дека бугарската влада строго се држи до ставот потврден со одлуката на Народното собрание од 24 јуни 2022 година, со која се дефинираат условите под кои Бугарија може да поддржи каков било чекор од евроинтегративниот процес на Македонија.
-Усвојувањето и итно стапување во сила на уставните измени, со кои Бугарите ќе бидат вклучени рамноправно со останатите народи во сите релевантни одредби од уставот на земјата, е неизбежен предуслов за натамошен напредок во евроинтегративниот процес на Скопје, истакнал Главчев.
Според Главчев, нема притисок врз Бугарија за отстапки кон Скопје и ставот на Софија го делат и земјите членки на ЕУ, што се гледа и во годишните извештаи за напредокот на Македонија како земја кандидат.
-Мислам дека претерано остар тон не би бил корисен. Не треба да дозволиме под никакви околности да бидат засегнати интересите на Бугарите во (Северна) Македонија“, но секоја поостра промена може да ги попречи напорите за нормализација. Сепак, потребни се две страни за нормализација и нема желба од другата страна, рекол тој, пренесуваат бугарските медиуми.
Според него, Министерството за надворешни работи развива механизам за правно застапување на Бугарите во Северна Македонија.