Главчев за Македонија: Секоја земја која е кандидат за членство во ЕУ мора да ги почитува сите права и одговорности што ги презела во процесот

од Nikola Popovski
319 прегледи

„Отсекогаш сме биле на ставот дека секоја земја која е кандидат за членство во ЕУ мора да има свои заслуги за учеството во Европската унија, како и да ги почитува сите права и одговорности што ги презела во процесот. Значи ние сме жестоки поддржувачи на проширувањето на ЕУ, но подлежиме на општи услови и процедура која им е позната на сите“. Ова го изјавил бугарскиот технички премиер Димитар Главчев во Берлин, каде што учествува на самитот во рамките на „Берлинскиот процес“.

Главчев порачал дека во однос на билатералните средби, во текот на процесот е предложено проширување на преговорите на ниво на земја-членка, кандидат и ЕУ, за да се избегнат противречности меѓу две земји.

„На крајот на краиштата, ова го направивме со Република Северна Македонија и очигледно одиме напред, како што беше даден добар пример на средбата – една земја да преговара со целата Европска унија“, истакнал Главчев.

Техничкиот премиер на Бугарија навел и дека на средбата станало јасно дека Црна Гора ќе ги затвори преговарачките поглавја до крајот на годината и дека се очекува Албанија да започне со отворање на преговарачките поглавја во овој период. Исто така се надева дека Србија може да ги започне преговарачките поглавја на почетокот на 2025 година.

Берлинскиот процес е воспоставен во 2014 година како платформа за зајакнување на соработката меѓу земјите од Западен Балкан и земјите-домаќини на Берлинскиот процес, како и ЕУ.

На самитот учествува и македонската делегација предводена од премиерот Христијан Мицкоски. На маргините има и најавени средби.

Слични содржини