Главниот американски епидемиолог препорачува ковид-очила

од Vladimir Zorba

Д-р Ентони Фаучи, водечкиот американски експерт за заразни болести, рече дека носењето визири или очила со маска за лице обезбедува подобра заштита од вирусот.

„Теоретски, треба да ги заштитите сите мукозни површини (очи, нос, уста). Затоа, ако имате очила или визир, треба да ги користите“, рече Фаучи во интервју за Еј Би Си Њуз.

Центрите за контрола и превенција на болести веќе препорачуваат да се носи маска за лице во јавноста, која ги покрива носот и устата, но забележуваат дека вирусот може да влезе и низ очите.

Фаучи препорача очила за оние кои сакаат „совршена заштита“ од Ковид-19, но признава дека не станува збор за „универзална препорака“, затоа што луѓето можат лесно да добијат маска или да ја сошијат, што не е случај со очилата и визирите.

Епидемиологот рече дека ги охрабрува луѓето да ја примат вакцината против сезонскиот грип и дека се надева дека маските за лице ќе штитат и од грипот и од коронавирусот, објави Еј Би Си Њуз.

Сите не се воодушевени од идејата да носат ковид-очила. Велат дека носењето маски е доволно тешко за нив. Некои предвидоа на социјалните мрежи дека следниот чекор е скафандер или живот во некој вид балон, пренесува „Маркетвоч“.

Слични содржини