Глоби и забрани во повеќе општини за спречување на аерозагадувањето

од Vladimir Zorba
173 прегледи

Изречени се повеќе глоби и забрани за утврдени инциденти и активности кои значително влијаеле на загадувањето на воздухот и животната средина во повеќе општини минатата недела во рамки на активното спроведување на мерките за намалување на аерозагадувањето, информира владината прес-служба.

Фото: Борче Поповски

Овие мерки се предвидени во Програмата и Планот за чист воздух донесени од Владата, спроведени од комбинираните тимови составени од седум владини советници, кои во координација со сите инспекторати во државата вклучувајќи го и Министерството за внатрешни работи преземаат активности за спречување на загадувањето на воздухот.

-Инспекторатот на Град Скопје по реакција на граѓани, излегува на терен заедно со акредитирана лабораторија, спроведува вонреден инспекциски надзор и мерење на граничните вредности од стационарниот емитер. Беа извршени вонредни инспекциски надзори во правни субјекти, обиколки на површини и диви депонии, како и контрола на начинот на кој се загреваат субјектите во повеќе општини низ земјата (меѓу кои Босилово, Виница, Тетово, Гостивар, Илинден, одделни општини во Скопје, Карпош, Центар, Гази Баба, Шуто Оризари, Сарај, Конче, Куманово, Велес, Гевгелија…), информираат од Владата.

Во општина Велес, при надзор на инсталациите и објектите кои подлежат на Б-дозволи и eлаборати, биле изречени неколку мерки, меѓу кои спогодување за плаќање на глоба во износ од 50.000 евра на прехранбената индустрија „Благој Ѓорев“ АД Велес, која треба да се плати на сметка на Буџетот на РСМ во рок од 15 дена за пожарот во Б-инсталацијата со кој се предизвика значително негативно влијание врз животната средина и амбиентниот воздух.

Изречена е забрана за употреба на опрема за дробење во еден правен субјект – Б инсталација за сепарирање на песок, решение за отстранување на недостатоци кај автомеханичарска работилница, решение за постапување со отпад од вршење на дејност во работилница, како и одземање на железнички прагови и нивни делови пронајдени кај физичко лице кои биле користени за греење.

Во дел од општините биле издадени известувања до правните субјекти да се придржуваат до наведените мерки од нивните Елаборати за заштита на животната средина, иако не биле констатирани видливи траги на загадување на воздухот.

-Компаниите кои немаат извршено мерења на емисии во воздух со решение беа задолжени да ги извршат истите според дозволата која ја поседуваат, беа изречени усни опомени за несоодветно распоредување на отпад, како и опомени за отстранување на хаварисани, нерегистрирани возила. Секојдневни интензивни контроли од тимовите составени од инспектор за животна средина и комунален инспектор и редар се вршат во речиси сите општини во државата и за тоа се испраќаат извештаи до Канцеларијата на Претседателот на Владата на РСМ. Контролирани беа сите места во градот кои се потенцијални извори на загадување, како земјоделски земјишта каде се палат стрништа, угостителски објекти каде се појавил чад, како и обиколка и контрола на фабрики по поднесена пријава дека е забележан чад или непознат мирис, информираат од Владата.

Во дел од општините, како во општина Конче, на огласните табли биле поставени соопштенија за забрането палење на стрништа, депонии и друг вид отпад.

За да ја олесни комуникацијата и да ги охрабри сите засегнати граѓаните, со цел континуирано да се спроведуваат активностите за борба против аерозагадувањето, Инспекторатот на Град Скопје на социјалната мрежа Фејсбук постирал упатство во кое се даваат насоки како граѓаните побрзо и поефикасно да пријавуваат секаков вид загадување на амбиенталниот воздух.

Во постот до граѓаните, се објаснува како на едноставен начин секој може да се вклучи во пријавувањето на загадувачите, со испраќање фотографија и податоци за локацијата на загадувачите, со што ќе се овозможи побрза реакција на инспекторите и откривање на загадувачите.

Во наредниот период, најавуваат од Владата, надлежните ќе продолжат со вршење на вонредни инспекциски надзори во правни субјекти кои поседуваат Елаборат за заштита на животна средина секаде каде што има појава на емисии во амбиенталниот воздух, ќе контролираат површини каде постојат депонии и стрништа и редовно ќе известуваат за преземените интервентни акции.

Слични содржини