ГЛОБСЕК индекс на ранливост: С. Македонија најотпорна кон странско влијание во Западен Балкан!

од Vladimir Zorba

Евро – Атлантскиот Совет на Северна Македонија беше дел од новото опширно истражување на ГЛОБСЕК поддржано од Стејт Департментот на САД кое ги анализираше точките на ранливост кон странско влијание во осум држави од Централна Европа и Западен Балкан: Северна Македонија, Бугарија, Чешка, Унгарија, Црна Гора, Северна Македонија, Романија, Србија и Словачка.

Студијата ја оценуваше ранливоста на овие држави преку пет области: јавни ставови, политички пејзаж, јавна администрација, информациски пејзаж и граѓански и академски простор, со посебен фокус на активностите на Русија и Кина.

Важноста на индексот на ранливост добиен од истражувањето ги надминува регионите на Централна Европа и Западен Балкан затоа што укажува на конфронтацијата помеѓу Западот, Русија и Кина во овој стратешки важен дел од светот – географски периферни членки на ЕУ и НАТО или земји во нивното соседство кои се стремат кон членство или партнерство со овие структури.

Странските малигни активности претставуваат воедно причина, но и последица на слабите и ранливи општества и влади. Оваа студија покажува како различни фактори, вклучително и домашните актери и политики играат силна улога во градењето отпорност кон странско влијание.

Резултатите од индексот на ранливост покажаа дека членството во меѓународните структури (ЕУ и НАТО) придонесува кон поголема отпорност од перспектива на заеднички политички решенија и колективна одбрана, но и дека разликите во квалитетот на јавната администрација, законодавството или заштитата на изборниот интегритет придонесуваат кон ранливостите на опфатените држави.

Ранлива јавност на странско влијание

Една од димензиите кои беа во центарот на ова истражување се ставовите на јавноста која се покажа како најранлива меѓу петте анализирани димензии. Пансловенското единство, јазичната блискост, заедничката историја и културните врски се важни фактори кои влијаат на ранливоста на општеството во Србија, Бугарија, Црна Гора и Словачка.

Дезинформациите како оружје

Антилибералните ставови засилени со интензивни дезинформацики кампањи спроведени од актери кои наводно ги штитат „традиционалните вредности“ значително влијаат врз општествената поларизација, што е клучен извор на ранливост во Унгарија, Црна Гора и Северна Македонија.

Ваквите ставови често произлегуваат од широко распространето незадоволство и разочарување од тоа како функционира демократијата во сите анализирани земји. Овие фактори, во комбинација со зголеменото државно влијание врз медиумите во некои земји, ги туркаат луѓето кон дезинформации и им даваат предност на авторитарните системи на управување. Присуството на дезинформации во онлајн и во офлајн информативниот простор е во директна корелација со присуството и влијанието на про-Кремлинските актери и наративи во медиумите во регионот, според резултатите од ова истражување.

Северна Македонија најотпорна кон странско влијание во Западен Балкан!

Според истражувањето, про-Западните сили во Република Северна Македонија се најголемите двигатели на позитивни промени и реформи. Индексот на ранливост ја класифицираше Северна Македонија како најотпорна од анализираните земји од Западен Балкан. Македонското општество, сепак, го карактеризира поларизација во антагонистички политички кампови и останува ранливо кон странско влијание.

Информативниот простор во државата во голема мера е подложен на странско влијание преку одредени програми и поединци кои ги промовираат интересите на Москва. Медиумскиот пејзаж дополнително страда од недостаток од диверзитет во информирањето и е подложен на дезинформации и манипулација.

Од друга страна, политичкиот пејсаж во државата е во голема мера отпорен на странско влијание. И покрај присуството на политички актери кои им служат на интересите на Москва и Пекинг и растечката фрустрација во општеството по бројните неуспеси во процесот на пристапување во ЕУ, политичките елити остануваат посветени на членството во евроатлантските структури.

Посетете www.vulnerabilityindex.org за повеќе информации.

Слични содржини