Британската влада одобри правно осигурување на фармацевтскиот гигант „Фајзер“ за да ги заштити од тужба. Потегот беше повлечен пред да се регистрира вакцината, една недела пред вакцината „Фајзер“ против коронавирусот да се најде на пазарот во таа земја.
Одделот за здравство и социјална помош потврди дека компанијата добила осигурување што ќе ја заштити од правни постапки доколку се појават какви било проблеми со вакцината, пишува „Индипендент“.
Законот е изменет и дополнет во последните неколку недели за да обезбеди заштита на компаниите како „Фајзер“ и имунитет во случај некој од пациентите да ги тужи во случај на компликации поради примање на вакцината.
Ова ќе обезбеди заштита на производителите на вакцини, како и на медицинскиот персонал кој ја дава вакцината.
Вакцината ќе биде достапна за сите што наполниле 16 години, освен бремени жени, бидејќи сè уште не е доволно тестирано како вакцината може да влијае на фетусот.
Велика Британија во вторникот одобри употреба на вакцини од компаниите „Фајзер“ и „Бајонтек“, а тие ќе можат да се користат веќе следната недела. Агенцијата за лекови и здравствени производи ја одобри употребата на вакцината според одредбата 174 од Регулативата за медицина за луѓе од 2012 година, со која се дозволува употреба на нелиценцирани лекови во итни случаи како што е пандемија.
Весникот потсетува дека одлуката за промена на законот, што ќе овозможи имунитет на „Фајзер“, беше донесена по „кратките консултации“ во септември.
Директорот на Фајзер во Велика Британија, Бен Озборн, вчера одби да коментира зошто на компанијата и треба имунитет.
„Не сме во можност да откриеме никакви детали за кој било аспект од договорот, а особено за клаузулите за одговорност“, рече Озборн.
На прашањето кога надлежната документација за клиничките испитувања ќе биде достапна за јавноста, тој рече дека „сè уште се работи на тоа“.
Д-р Беркли Филипс, медицински директор на „Фајзер“ во Велика Британија, рече дека приоритет се поднесувањата до британската, американската и агенцијата за лекови на ЕУ.
– Тоа беше најважната работа што требаше да ја направиме. Комплетниот протокол е објавен и е достапен за сите да го видат, а тимот работи на објавување на податоците паралелно со регулаторните поднесоци – рече кратко Филипс.
Директорот на Агенцијата за лекови рече дека „не биле фаќани кривини“ при безбедносната анализа на оваа вакцина.
– Ние ги следевме најригорозните процедури и ги испитавме сите информации за да утврдиме дека лекот ги исполнува строгите стандарди за безбедност, ефикасност и квалитет – рече Џун Рејн.
Таа исто така рече дека е прегледана и усогласена информацијата за препишување на лекот, така што јавноста и здравствените работници ќе бидат информирани за тоа како правилно се користи вакцината и што вклучува таа.
Посочи дека Националниот институт за биолошки стандарди ќе ја тестира секоја доза пред употреба и ќе утврди дали ги исполнува критериумите за безбедност.
Одделот за здравство и социјална помош потврди дека постои заштита за „Фајзер“ и додаде дека владата ќе ја додаде вакцината за коронавирус на списокот на вакцини опфатени со Законот за исплата на штета од вакцини. Ова вклучува еднократна компензација од 120.000 фунти на луѓе кои се трајно инвалидни или претрпеле одредени повреди по приемот на одредена вакцина, што е на таа листа.