Родителите на Софија Сапега, девојката на белорускиот новинар Роман Проташевиќ, го замолија Владимир Путин да интервенира и да ја спаси нивната ќерка, која моментално е во притвор во Минск.
Сапега, која инаку има руско државјанство, ќе чека два месеци на судење во затвор, јави агенцијата ТАСС, цитирајќи го нејзиниот татко Сергеј Дудиќ. Се чувствува добро и не се жали на третманот, објави руската амбасада, а пренесува новинската агенција РИА.
Нејзината мајка, Ана Дудиќ, во вторникот во интервју за „Ројтерс“ изјави дека нејзината ќерка е невина и дека само се нашла на погрешно место во погрешно време и дека се плаши дека ја измачувале за да признае дека извршила кривично дело.
„Го гледам ова видео по десетти пат и не разбирам за што зборува… Не разбирам што се случува. Што е тоа Црна книга, Софија? Или сум збунета, или само сонувам. Или ова е местенка“, рече нејзината мајка.
„Виновна затоа што е пријателка на Роман“
Лидерката на опозицијата Светлана Тихановскаја на Твитер напиша дека на видеото ѝ се чинело дека Сапега е под голем психолошки притисок.
Нејзиниот советник, Френк Вијакорка, исто така рече дека признанието на Сапега е изнудено со присила.
„Таа е виновна затоа што е пријателка на Роман. Тие ја принудија да признае ‘злосторства’ кои не ги сторила“, напиша тој на Твитер.
Софија е во последната година на студии по меѓународно право на Европскиот универзитет за хуманистички науки во Вилнус. Дудиќ рече дека не разговарала со Проташевиќ (26) и дека нејзината ќерка била во врска со него помалку од шест месеци.
„Таа беше многу добра студентка. Имаше многу амбициозни планови“, рече нејзината мајка.
„Тој е само новинар и дете“
Во изјавата дадена од егзил во Полска за АФП, мајката на уапсениот белоруски новинар, Наталија Проташевиќ побара меѓународната заедница поактивно да се вклучи во случајот „Проташевиќ“, кој последниве денови се најде во фокусот на светската јавност и предизвика бројни реакции од европски и светски политичари.
„Молам и апелирам до целата меѓународна заедница да го спаси. Тој е само новинар и дете. Ве молиме спасете го, во спротивно тој ќе биде убиен во затвор“, рече мајката на Роман Проташевиќ.
Нејзиниот сопруг, поранешниот војник Дмитриј Проташевиќ, истакна дека тие не знаат дали Роман воопшто е во затворот за кој белоруските власти тврдат дека е сместен.