Владејачката ВМРО-ДПМНЕ, говорот на претседателката Сиљановска Давкова го оцени како реално согледување на проблемите и предизвиците со кои се соочува Македонија. За власта, важно е што принципиелниот став на Сиљановска – Давкова се совпаѓа со мислењето на огромното мнозинство граѓани за нашата определба кон европските интеграции.
„Не е проблемот целта, туку неизвесноста на патот кон полноправно членство во ЕУ“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Движењето ЗНАМ говорот го оцени како фантастичен, зашто претседателката промовирала политика на принципи и вредности, а не само погледи на реал политика. Тие ја поддржуваат определбата на шефицата на државата за добивање гаранции од Европската Унија.
Според лидерот на СДСМ, Венко Филипче со говорот на претседателката се потврдува дека таа дава поддршка на владата која ја води Македонија кон изолација. Европската приказна за нас е завршена, нема реформи, следува голема криза, рече Филипче. Опозицијата жали што претседателката не застанала на страната на мнозинството граѓани кои сакаат оваа земја да ја видат интегрирана целосно во Европа.
Од Левица пак потенцираа дека кај претседателката давкова недостига визија за развој на државата, партијата препозна бранење на владината агенда, а нереално согледување на политичката состојба во која се наоѓа државата.
Претседателката вчера имаше долг говор во кој зборуваше на различни теми, од Кочани преку евроинтеграции до „Сејф-сити“. Но јавноста има впечаток дека уфрли само некои флоскули кога се работи за корупцијата, правосудството, па и животната средина и отровниот воздух. Сепак, велат дека и говорот беше предолг. Според политичкиот аналитичар, Петар Арсовски, говор повеќе од час и половина за новогодишно обраќање личи на еден од говорите на покојниот Фидел Кастро во Куба. Оценува и дека немаше доволно поенти и со некакви заклучоци кои се апсолвирани во јавноста, а за клучните точки нема јасен став или политика.

Петар Арсовски/Фото: Принтскрин
-Напротив, имам чувство дека во однос на тие клучни точки, државниот врв како да се закопува во ровови уште повеќе. На крајот, сумирањето на говорот е ништо. Никаква новост, напредок или нови политики, само повторување на стари фрази дека судењето за „Пулс“ е тест за македонското судство – па сите процеси се тест за македонското судство. Судството е постојано пред тест и нема потреба од тие тавтологии да се повторуваат. Повеќе сакам да чујам од претседателката нејзин план како да дојде до стратегијата за пробив кон ЕУ или план за подобра за животна средина. Такво нешто изостана вчера, рече Арсовски за „Локално“.
„Ако ЕУ може да најде решенија за Украина и Молдавија, ќе се најде и за нас“, рече шефицата на државата во Собранието. Соговорникот истакнува дека ставот на македонскиот политички врв е дека ЕУ треба да најде начин како да го реши нашиот сопствен проблем, а од Брисел неколку пати експлицитно повторија дека пакетот е тој и дека топката е кај нас.
-Нашитте политичари упорно сакаат да ја вратат топката во Брисел, како тие да се должни да ја завршат нашата работа, но тоа нема да се случи. Се додека ни е таков односот, ќе останеме замрзнати, оценува Арсовски.
Во говорот на Сиљановска Давкова се спомена и Преспанскиот договор и начинот на кој се дојде до двотретинско мнозинство во Собранието за промена на името и измена на Уставот. За аналитичарот, отворањето на „старите рани“ со Грција нема никаква поента, освен за домашни политички поени.
-Преспанскиот договор е дел од нашиот правен систем, потврден и во Уставот, но и со меѓународна конвенција која е посилна. Државниот врв треба да почне да ја едуцира јавноста, можеби тоа нема да се случи преку ноќ, дека и во официјалната комуникација ќе го користат новото име. На крајот на краиштата, тоа е прашање и на зрелост – да излезете од политичка адолесценција и едно пасивно-агресивен став кон Преспа и да почнете да ги почитувате вашите меѓународни обврски, укажува Арсовски, додавајќи дека постои политичка координација на претседателката и Владата откако претставниците на Владата по нејзиниот говор кажаа дека таа на вистински начин ги претставила политиките на Владата.
-Тоа не е ненормално – се работи за иста политичка опција и координирана надворешна политика, особено во ингеренциите на претседателот, но тоа не е заклучок кој што треба да не тагнира. Проблемот е што таа политика не води никаде, дециден е Арсовски.
Од друга страна, аналитичарот Бесим Небиу оценува дека клучната порака не беше реформа, туку дека Македонија е жртва на надворешни неправди, на двојни стандарди и на геополитички калкулации. Според него, тоа е наратив кој лесно се прифаќа во јавноста, но има сериозен недостаток – ги релативизира домашните одговорности.
-Кога корупцијата, правосудството и животната средина се третираат со општи формулации, без конкретна дијагноза и насока, пораките се дека тие се секундарни во однос на „големата неправда“ која не има снајдено. Тоа е опасен сигнал, бидејќи токму тие области се клучниот аргумент зошто државата стагнира, независно од Брисел и на крајот од краиштата тие се клуните причини зошто во Македонија не се живее квалитетно, поради што младината масовно сака да се отсели. Причините за ова не се големите неправди на Европа, туку големите неправди од внаттре. Се чини претседателката целосно се стави во улога на услогласување со политичката стратегија на Владата односно на ВМРО – ДПМНЕ. Долгорочно, интересот на граѓаните не е во утешни наративи, туку во јасна стратегија: што точно правиме дома за да бидеме функционална држава, без разлика кога и како ќе се движи ЕУ. Без тоа, евроинтеграциите стануваат алиби, а не цел, вели Небиу во изјава за „Локално“.

Бесим Небиу/Фото: Принтскрин/Јутјуб
Вториот момент кој го коментира соговорникот е „ако ЕУ најде решение за Украина и Молдавија…“. Според него, оваа реченица имплицира чекање. Небиу истакнува дека шефицата на државата ја префрла „тежината од Скопје кон Брисел, како да евроинтеграциите се целосно зависни од туѓа добра волја, а не се воопшто резултат на сработено одвнатре, т.е. внатрешна трансформација“.
-Тоа имплицира дека ние сме сработиле тоа што треба, а Европа не дрибла….. Да, секако дека ЕУ применува политички, а не чисто мерит-базиран пристап. Но, не е точно дека Украина и Молдавија добија „подарок“ – тие добија политичка поддршка во комбинација со јасна реформска агенда и геополитичка определба. Исто како и ние пред две децении, не добија и нема да добиваат подароци. Пораката дека „некој ќе ни најде решение“ го зацврстува чувството на пасивност и ја продлабочува илузијата дека проблемот е надвор од нас и дека сме “добрите“ а, ЕУ се “лошите“, анализира Небиу.
Во однос на Преспанскиот договор, Небиу вели дека отворањето по осум години нема практична, туку симболичка функција. Според него, тоа е сигнал до домашната публика дека „не сме се помириле“, но и сигнал до меѓународната заедница дека постои внатрешна амбивалентност околу веќе затворени прашања.
-Во геополитички нестабилен момент, ваквите пораки не ја зајакнуваат позицијата на Македонија, туку ја прават понепредвидлива. Прашањето не е дали договорот е идеален (не е), туку дали неговото повторно проблематизирање носи реална корист – или само политички поени дома, посочува аналитичарот.

Фото: Фејсбук/Бесар Дурмиши
Пожарот во дискотеката во Кочани во кој загинаа 63 млади луѓе е национална трагедија која ја одбележа 2025 година, посочи шефицата на државата во новогодишното обраќање. Колективната траума на површина ги извади недостигот на системска култура и неказнивоста, како институционалната неодговорност и корупцијата. Кочани не доведе до ѕидот на срамот, рече Сиљановска Давкова. Хуманитарноста и солидарноста на дело, пак, покажаа дека во најтешките моменти „не сме сами“. Таа побара од политичките чинители да ги прекинат препукувањата на дневна основа на сметка на судскиот процес за Кочани. Судската разврска за пожарот ја нарече тест од кој ќе зависи дали судството ќе ја стекне довербата на јавноста или трајно ќе ја изгуби.
„Потребна е политичка волја, не само од нас, туку и од Европската Унија. Понудивме повеќе креативни решенија, останува Брисел да одлучи. Ако може за Украина и за Молдавија, би можеле и за нас да најдат решение“ – порача претседателката. Ако законодавството ни е усогласено со ЕУ, јасно е дека Политичкиот услов преовладува и бара да испорачаме висока сметка. вели таа. Уставните измени за внесување на Бугарите во највисокиот акт на државата, без јасни гаранции од ЕУ и Бугарија ќе нè доведе до ризик да влеземе во унијата со оштетен идентитет – истакна шефицата на државата. Затоа, порача таа, потребен ни е национален консензус изграден врз база на дијалог, бидејќи минатото покажа дека двојните стандарди не ослабнаа како држава.
Н.П.