Голем дел од мигрантите не ги споделуваат европските вредности, тврди премиерот на Данска

од Vladimir Zorba
89 прегледи

  Голем дел од мигрантите не ги споделуваат вредностите на Европската унија и не сакаат да станат дел од европското општество, изјави премиерот на Данска Ларс Локе Расмусен во интервју за германскиот весник „Франкуртер алгемајне цајтунг“.

– Го поздравувам тоа што мнозинството млади муслимани се запишуваат на нашите универзитети, но остануваат многу луѓе кои не ги споделуваат нашите вредности и не се дел од нашето општество. Тоа претставува опасност, посебно кога тие луѓе се концетрирани во одделни градски квартови или општини, истакна Расмусен.

Властите понекогаш мора да се соочат со фактот дека во земјата живеат втора или трета генерација имигранти, кои не се интегрирани во општеството.

– Тие живеат тука 10, 20 или 30 години и не зборуваат дански јазик. Ние оддамна имаме проблеми со паралелни општества во некои населби во Данска, истакна Расмусен.

Потребна е контрола на внатрешните граници на ЕУ, рече данскиот премиер и додаде дека илегалната миграција останува сериозен предизвик. Тој призна дека во 2015 година, на врвот на миграционата криза, ситуацијата излезе од контрола.