Голем интерес кај грчките медиуми за македонската владина делегација: „Ние сме добар пример за решенија преку дијалог“

од Nikola Popovski

Медиумите во Грција, изразија зголемен интерес за македонската делегација предводена од премиерот Заев за време на учеството на конференцијата на „Економист“ и дводневната посета на Грција, а веќе се објавени неколку интервјуа, како со претседателот на Владата, така и со неговиот заменик задолжен за европски прашања, јави дописничката на МИА од Атина.

Весниците „Ефимерида тон синдактон“ и „ Авги“ денеска објавуваат интервју со Никола Димитров, додека пак во четвртокот весникот „Та неа“ и телевизијата „Мега“ објавија интервјуа со премиерот Зоран Заев.

Димитров: Да ги собереме плодовите од нашата соработка со Грција

„Сега треба да инвестираме во нашата соработка“ („Ефимерида тон синдактон“)  и „Искуството нѐ учи дека ниеден проблем не е нерешлив“ („Авги“), се насловите под кои грчките весници ги објавуваат интервјуата со Димитров, а на почетокот коментираат дека заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања, уште од периодот кога беше шеф на дипломатија учи по некој грчки збор со кој го карактеризира актуелниот период. Овој пат, зборот е „орама“, односно визија.

Димитров вели дека сега, „треба да ги собереме плодовите од нашето пријателство со Грција“, да се продлабочи соработката во сите области, особено во економијата и коментира дека „тешкотиите се зад нас“.

-Верувам дека имаме можност да им покажеме на остатокот од Европа и на светот што можат да направат две земји, кога тоа вистински го сакаат. Треба да ја пополниме, да ја испишеме новата страница. Целта е да успееме да имаме меѓусебно разбирање со новата Влада во Грција, за да имаме можност, нашите односи во целина да ги направиме уште попродуктивни, вели Димитров за „Ефимерида тон синдактон“.

Заменик- претседателот на Владата, задолжен за европски прашања, во интервјуата за грчките весници објаснува и колку пандемијата влијаеше врз македонско – грчките односи.

-Ги отежна состаноците на Комисиите, бидејќи некои треба да се одржуваат во живо, особено за чувствителните прашања. Но, имавме добра соработка во конзуларните прашања, се справивме со теми поврзани со хуманитарни или медицински случаи. Постоеше канал на комуникација меѓу тимот за управување со кризи на Грција и нашиот во Северна Македонија, вели Димитров и коментира дека „големото прашање во Северна Македонија беше дали Грција ќе ги отвори границите за туристите“.

Весникот „Авги“ пишува дека на конференцијата на „Економист“, „слонот во собата“ беше Турција, а за конкретното прашање „Димитров се обиде да го зајакни нашиот оптимизам, повикувајќи се на Договорот од Преспа“.

-Знам дека не може да се споредат прашањата, но сепак и во нашиот билатерален случај, кој изгледаше невозможен да се реши, на крајот видовме дека не постои ниеден проблем што е нерешлив, објаснува Димитров и додава дека поентата е „да се убедат сите инволвирани дека долгорочно можат да имаат добивка, ако постои дијалог, разбирање и пријателство, а можат да изгубат доколку има нестабилност“.

Во однос на односите Србија – Косово, Димитров вели дека „многумина ќе се согласат дека статусот кво, не е решение“, додава дека во интерес на сите е да се соочат со проблемот и да го решат, а Северна Македонија поддржува дијалог и решение прифатено и од Приштина и од Белград.

Заев: Нашиот случај е добар пример изнаоѓање решенија преку дијалог

Премиерот Заев за време на посетата на Атина, освен за МИА, даде интервјуа за грчкиот весник „Та неа“ и грчката телевизија „Мега“, како и куси изјави за други медиуми.

Меѓу другото, претседателот на Владата на Северна Македонија одговараше и на прашањата на новинарите поврзани со ситуацијата во Источниот Медитеран и односите на Атина со Анкара, прашање што е особено актуелно во Грција во изминатиот период е главна тема во медиумите.

Весникот „Та неа“ под наслов „Ние сме добар пример за решенија преку дијалог“ го пренесува интервјуто со македонскиот премиер во кое тој вели дека „лидерите во регионот не треба да размислуваат дека ќе ги загубат изборите, ако донесат големи, тешки и храбри одлуки, споменувајќи ја како пример неговата победа на изборите кај нас.

Истакнува дека за нашата земја не постои алтернатива од членството во НАТО и Европската Унија и ги коментира односите со Грција.

-Грција не е веќе само пријател, туку и наш стратешки партнер, бидејќи Договорот од Преспа не се однесуваше само на решавањето на проблемот со името, туку и градење стратешка соработка меѓу двете земји. Грција за мене е лидер во регионот на Југоисточна Европа, на Западен Балкан, вели Заев за „Та неа“ и изразува уверување дека грчката Влада, грчката претседателка и грчкиот Парламент ќе продолжат да му помагаат на регионот, но и на Северна Македонија.

За односите меѓу Грција и Турција и ситуацијата во Источниот Медитеран вели дека е правилна одлуката на Анкара да ги повлече бродовите.

-Правилниот начин за излез од проблемите е дијалогот. Соседни земји сте и се надевам дека ќе најдете решение и начини за подобрување на соработката. Зошто да постои растојание? Секогаш е можно да се најде решение преку дијалог. Мислам дека нашиот случај е добар пример за создавање решенија и изнаоѓање позитивни начини за решавање на проблемите и можам да ја испратам пораката дека нашите граѓани очекуваат решенија преку дијалог. Паметни и взаемно корисни решенија кои дозволуваат подобрување на квалитетот на нивниот живот, објаснува Заев за „Та неа“.

Грчко – турските односи беше една од темите и во интервјуто на македонскиот премиер за телевизијата „Мега“, емитувано во четвртокот, во кое говореше и за тоа како Северна Македонија се справува со пандемијата, но и дали и колку, тој чично ги користи социјалните мрежи.

Слични содржини