Голем интерес за собирање споредни шумски плодови во Кривопаланечко

од Vladimir Zorba
151 прегледи

Вкупно 72 дозволи за собирање споредни шумски плодови биле издадени на физички лица од Општините Крива Паланка и Ранковце од страна на Јавно претпријатие „Македонски шуми“- Подрачно шумско стопанство „Осогово“, во тековната сезона.

– Собирањето на споредни шумски плодови: боровинки, дренки, шипки, чаеви, печурки, малини и капини на територијата на двете општини е традиција и овој крај е познат по чистата и незагадена природна средина каде се собираат и потоа плодовите се даваат на откуп, изјави Зонко Груевски, директор на ЈП „Македонски шуми“-ПШС „Осогово“, Крива Паланка.

Тој наведе дека, покрај 72-те дозволи издадени на физички лица, од страна на службите, биле информирани и постојните, вкупно шест, сопственици на приватни откупни центри за споредни шумски плодови, од кои со четири се склучени договори оваа сезона.

– Може и поголем број индивидуални собирачи на плодови да се стекнат со дозволи и да ги искористат ресурсите со кои располага ова поднебје, посочи Груевски.

Ред и контрола на терен воспоставуваат шумочуварските служби и од шумското стопанство, како и шумската полиција.