Голем пожар во трговски центар во Карачи: Загинаа најмалку 23 лица, повеќе од 40 се водат како исчезнати

Бројот на жртвите во големиот пожар што избувна во трговски центар во Карачи се искачи на најмалку 23 лица, додека десетици други и натаму се водат како исчезнати, соопшти полицијата во Пакистан.

од desk4
9 прегледи

Пожарот бил целосно изгаснат доцна во неделата, речиси 24 часа откако започнал.

Огнот избувнал во саботата во повеќекатен трговски центар со околу 1.200 продавници, кој зафаќа површина поголема од фудбалско игралиште. Пламените јазици беснееле повеќе од 24 часа пред да бидат ставени под контрола, а според официјалните лица, и натаму има помали жаришта меѓу урнатините, пренесува Ројтерс.

Денеска спасувачките екипи започнаа со ладење на конструкцијата и расчистување на искривени метални делови и отпад расфрлан по улицата, меѓу кои и паднати клима-уреди и рекламни табли од продавниците. Поголем дел од објектот досега се урнал, а околу остатокот се поставени кранови поради страв од понатамошно уривање.

Меѓу исчезнатите се и членови на семејството на Кесир Кан, кој изјави дека неговата сопруга, снаата и нејзината мајка отишле во трговскиот центар во саботата навечер и оттогаш нема информации за нив. Тој ги критикуваше спасувачките служби за бавната реакција. „Можеа да спасат многу луѓе“, рече Кан.

Стотици граѓани се собраа околу зградата додека екипите трагаа по преживеани. „Оставени сме на цедило, сведени на нула. Дваесет години напорна работа исчезнаа“, изјави сопственичката на продавница Јасмин Бано.

Властите стравуваат дека бројот на жртви може дополнително да се зголеми, а според полицијата, во моментов се трага по уште 46 лица. Досега се идентификувани само шест тела, додека за останатите ќе биде потребна ДНК-анализа, бидејќи телата се „непрепознатливи“.

Незадоволство и гнев изразија и граѓаните при посетата на градоначалникот на Карачи, Муртаза Вахаб, кој на местото на несреќата пристигна речиси 23 часа по избувнувањето на пожарот. Според локалните медиуми, насобраните скандирале против владата и протестирале поради бавната реакција на противпожарните служби.