Голем пресврт: Трамп се откажа од воведување царини за Европа, берзите силно реагираа

Американскиот претседател Доналд Трамп објави дека САД нема да воведат дополнителни царини за европските сојузници, што претставува значителен пресврт во однос на неговите претходни закани.

од desk4
28 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/WION

Изјавата беше дадена за време на неговиот настап на Светскиот економски форум во Давос, каде што Трамп истовремено упати низа критики кон Европа, НАТО, Данска и Канада.

Веста за откажувањето од царините веднаш предизвика позитивна реакција на финансиските пазари. Главните американски берзански индекси забележаа силен раст S&P 500 порасна за 1,52 отсто, Dow Jones за 1,5 отсто, а Nasdaq за 1,7 отсто. Аналитичарите оценуваат дека инвеститорите позитивно ја дочекале пораката дека Вашингтон нема да ја ескалира трговската конфронтација со европските партнери.

Трамп изјави и дека е постигната рамка за договор околу Гренланд, повторувајќи дека САД „не сакаат ништо друго“ освен безбедносни гаранции, но нагласи дека нема да користи сила. Ова ветување, според пазарните учесници, дополнително придонело за смирување на инвеститорската нервоза.

Неговото пристигнување во Давос, сепак, беше проследено со дипломатска напнатост. Неколку европски лидери, меѓу кои и францускиот претседател Емануел Макрон и претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, го напуштија форумот пред неговиот говор, а дел од планираните средби беа откажани.

И покрај тоа, откажувањето од царините за Европа се толкува како сигнал за привремено намалување на трговските тензии меѓу САД и Европската Унија, во период кога глобалните пазари се чувствителни на секоја најава за нови економски судири.