Големите партии сакаат нивно исчезнување, независните најавуваат голема борба: „Постои загриженост во партиските штабови, ќе одиме на избори“

Независните граѓански иницијативи не се откажуваат од борбата: „Претставуваме сериозна закана за сите партии, ние сме 4-та политичка сила според последните избори“

од Nikola Popovski
52 прегледи

Претставниците на независните граѓански листи бараат итно да се направат измени на Изборниот законик за да им се овозможи да учествуваат на локалните избори. Уставниот суд на 20 мај ги укина измените кои пратениците ги донесоа во март 2024, со кои прагот на потребни потписи за независните кандидати и листи да учествуваат на избори се крена на еден процент од вкупно запишаните избирачи во изборната единица. Но, сега повторно по скратена постапка во Собранието е поднесен предлог-закон за измена и дополнување на Изборниот законик, со кој прагот за потребни потписи се зголемува.

Од граѓанските организации сметаат дека треба да им се овозможи уставното право, секој да може да се кандидира и да учествува во работата на локалната самоуправа. Најавуваат жестока битка. Советникот во Советот на Град Скопје, Горјан Јовановски од редовите на „Зелен Хуман Град“ не верува дека ќе дојде до исчезнување на независните кандидати. Во разговор за „Локално“ потенцира дека се доста жилави и тврдоглави и не се откажуваат така лесно од секоја борба која што политичките партии сакаат здружено да ја претстават како некое добро за граѓаните, со тоа што се намалува демократијата и се уништува изборниот процес кој што уставно е загарантиран.

Горјан Јовановски

-Ние ќе продолжиме и понатаму. Ќе одиме на избори, ќе видиме дали преку собирање на потписи или преку други механизми. Не се откажуваме од фактот дека треба да има репрезентативна демократија и не смее да се уништи политичкиот плурализам во Македонија кој што е една од ретките теми за која што се сложни партиите дека сакаат да го уништат и да си ги задржат своите места каде што конмфорно да ја уништуваат државата, посочува Јовановски.

Од друга страна, истакнува членот на „ЗХГ“, намерното нивно лошо толкување на препораките од ОБСЕ и Венецијанската комисија е очигледно. Дури и самите членови на ОБСЕ со кои што имале дискутирано како независни граѓански иницијативи, им било јасно дека намерно се лошо толкувани препораките, со цел за да се направи ваква штета на независните кандидати бидејќи, како што вели Јовановски, се виде како 4-та политичка сила на претходните избори, според вкупниот број на гласови, беа сите независни заедно.

-Претставуваме сериозна закана за која било партија естаблирана во овие 30+ години во Македонија. Нормално одиме против европските практики бидејќи немаме надзор во моментов и немаме кој да рече дека не смеете тоа да го правите. Ја користиме оваа шанса, бидејќи нормално сме далеку од влезот во ЕУ, да се однесуваме како некоја диктатура во која што се обидуваме да ги ставиме на чело само оние политички елити кои што цицаат од нас граѓаните како некои ненормални пијавици во овие последни 35 години, потенцира соговорникот.

Јовановски додава дека политичките елити сакаат да се спречи какво било дејствување на граѓаните во рамките на државните и локалните институции.

-Зголемувањето на бројот на потписи и високиот праг е дека не сакаат да гледаат онаму каде што се бориме да стигнеме и сега уште посилно ќе се бориме. Верувам дека на секој еден од нас на кој што ни е дојдено преку глава од партиите, го гледа тоа и ќе застане на страната на независните, дециден е Јовановски.

Во моментов постои правен вакуум, но независните советници сметаат дека може лесно да се надмине со автентично толкување од Собранието, и со брза реакција на пратениците за измени согласно насоките и Одлуката на Уставниот Суд. Наместо тоа, според советничката во општина Карпош Татјана Стојановска, истиот се продлабочи со молчење од страна на собраниските служби, при што воедно се предложија членови во Изборниот законик, сосема спротивни на насоките од Уставниот Суд кои не се изгласаа.

Татјана Стојановска

-Нови правила сѐ уште нема, ниту толкување кои правила се на сила. Стремежот е јасен, исфрлање на неазависните кандидати, кои се покажаа како моќен политички фактор на претходните локални избори. Но не можам да се согласам со ставот дека независните кандидати ќе бидат исфрлени. Ние не се откажуваме од нашиот настап на локалните избори и ќе водиме битка за што поскоро решавање на настанатата состојба. Независните кандидати не смеат да исчезнат ако водечките сили во државата навистина се стремат кон ЕУ и реформи на државата, вели Стојановска од „Независни за Карпош“ за „Локално“.

Независната советничка истакнува дека независните листи пречат на партиите затоа што прикажаа еден друг начин на делување, поголема грижа за јавно достапни информации, борба за проекти од значење за граѓаните а не партијата,аргументирани излагања и цели.

-Еден многу интересен момент е, дека со претходните измени, кои се укинаа на Уставен Суд, процентот на потребни потписи во однос на запишани гласачи беше преголем, но на максимална граница од препораките на ОБСЕ,а по Одлуката на Уставен Суд, предлогот кој сега се наоѓа на дневен ред и е прифатен од собраниската комисија, предвидува поголеми проценти , кои сега пак сигурно се вон препораките на ОБСЕ. Затоа е и нашата бурна реакција, тоа укажува на апсолутно привилегирање на партиите и наметнување на кандидатите да делуваат партиски. Независните се препознаени токму поради третирање на проблемите без идеолошка поставеност во однос на истите, туку само од аспект на јавното добро, додаваат Стојановска.

Соговорничката потенцира дека резултатите на претходните избори на локално ниво создадоа голема загриженост во партиските штабови – независните кандидати добија над 56.000 гласови на ниво на државата и тоа претставува момент кој не им се допаѓа на партиите.

-Но токму тука треба да се видат државничките капацитети на партиите (посебно големите партии) и нивниот демократски капацитет. Очигледно е дека во Европа, прифаќањето на гласот на обичниот граѓанин е суштински за напредок на државата и тоа нивните партии го разбираат и почитуваат. Кај нас некако тешко оди прифаќањето на промените и реформите , напротив, отпорот се зголемува со секој изблик на различен пристап кон креирањето на системските механизми . Сепак, длабоко верувам дека тоа е незапирлив процес. Очекувам брз исход за сегашната ситуација. А што понатаму? Секако во зависност од одлуките на Собранието ќе зависат и нашите следни чекори. Но откажување на независните кандидати од понатамошно учество во избори не е избор. Тука сме и остануваме, децидна е Стојановска.

Независните имаат повеќе барања, меѓу кои се да се постави услов од 20 до 100 собрани потписи и 200 собрани потписи за Град Скопје за независни листи на кандидат/и, по пример на бројните европски држави; да се дозволи собирање потписи на терен и надвор од канцелариите на ДИК, како во европските земји; да се зголеми периодот на собирање потписи на 30 дена; да се дозволи името на советничките независни листи да биде во целост наведено на избирачкото ливче, а не како досега само името на носителот; да се обезбеди еднаквост меѓу сите политички чинители во утврдувањето на редоследот на единствената листа на кандидат/и за избор на претседател, пратеници, членови на совет, односно градоначалник, со ждрепка; да се промени одредбата за пристап до медиумскиот простор и финансирањето на изборната кампања.

Како примери на европски земји со број на потребни потписи за листа на независни кандидати за пратеници, ги посочуваат: Франција нема потписи; Естонија нема потписи, само депозит во висина на минимална плата;  Малта 4 потписници со €90 депозит, кој се враќа ако освои 10% од изборната квота; Обединетото Кралство 10 потписи; Грција 12 потписи по изборна единица; Ирска 30 потписи или €500 депозит; Холандија од 10-30 по изборна единица, до максимални 580 на ниво на држава; Финска 100; Данска 150-200; Германија 200; Швајцарија за кантони, зависно од големината 100-200-400 потписи; Исланд 30-40 потписи за пратеничко место во избирачка единица. Вкупниот број на потписи по ИЕ се движи од 240-520, зависно од бројот на пратенички места по ИЕ; Австрија потписи од 3 пратеници или 100-200-400-500 потписи зависно од федералната држава/Виена. За кандидирање на ниво на цела држава 2.600 потписи; Белгија потписи од 3 пратеници или 200 (ИЕ под 500.000), 400 (ИЕ од 500.000-1.000.000), 500 потписи (ИЕ над 1 милион); Хрватска 500;Унгарија 500; Норвешка 500.

Н.П.

Слични содржини