Google денеска го промовираше Home Hub на својот настан – нов уред со Google Assistant што изгледа ќе се натпреварува со производи како Echo Show на Amazon и вчера објавениот Facebook Portal, додавајќи дисплеј кон постоечките Google home уреди.

Според Google, целта со Home Hub е да се создаде „покорисен дом“; а додадената вредност доаѓа од тоа што може да ги видите одговорите на Assistant, наместо само да ги слушате. Компанијата има воспоставено специјални верзии на своите услуги Search, YouTube, Maps, Calendar и Photos за Home Hub, комбинирајќи гласовно управување и визуелна информација.
Home Hub исто така ќе ја поддржува функцијата Voice Match, па ќе може да ги препознава гласовите на различни корисници и да вади релевантни информации како состаноци, потсетници и сл, на главниот екран. Уредот има сензор кој ја прилагодува јачината на екранот според светлината во просторијата.
За разлика од Echo Show на Amazon и Facebook Portal, Home Hub нема камера. Од една страна, тоа значи дека не може да остварувате видео повик со пријателите, но пак од друга ќе се ублажи загриженоста на луѓето за нивниот личен простор што „очите“ на другите домашни помошници ја предизвикуваат.