Владата на СДСМ е жестоко делегитимирана од огромен број на граѓани.Односот на гласови помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Тетово е два спрема еден, во советници е четири спрема два, ако тоа го пресликаме на ниво на Македонија односот и во гласови и на анкетите е 400.000 гласови за ВМРО-ДПМНЕ, 200.000 гласови за СДСМ. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ во моментот би имала 55 пратеници, СДСМ 27 со целата нивна коалиција, вели Влатко Ѓорчев, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
„Односот на гласови помеѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ во Тетово е два спрема еден, во советници е четири спрема два, а ако тоа го пресликаме на ниво на Македонија односот и во гласови и на анкетите е 400.000 гласови за ВМРО-ДПМНЕ, 200.000 гласови за СДСМ. Тоа значи дека ВМРО-ДПМНЕ во моментот би имала 55 пратеници, СДСМ 27 со целата нивна коалиција.
ВМРО-ДПМНЕ има во моментот 50 градоначалници, СДСМ 10. Во 10 најголеми градови во Македонија власта е тотално делегитимирана и во Скопје, вчера во Тетово, претходно во Гостивар, Куманово, Битола, Прилеп, Охрид, Штип, Велес, Кочани, Кавадарци и на многу други места.
Тоа значи дека час поскоро Македонија треба да оди на избори. Час поскоро Македонија треба да добие влада која што е способна и одговорна која што ќе ја носи Македонија низ оваа тешка, жесто криза која што претстои, а за која што власта е тотално неподготвена“, рече Ѓорчев.
Тој оцени дека е поразителен фактот што власта на СДСМ и Ковачевски треба по три пати да повторува избори, како што е тоа случај со Центар Жупа и Маврово Ростуше за да има доволно гласови, затоа што, нагласи Ѓорчев, за време на Зоран Заев и Ковачевски народот масовно се иселува.
„Има егзодус, нема доволно луѓе да излезат на гласање и три пати треба да се повторуваат изборите за да се избере градоначалник“, рече Ѓорчев и додаде дека за жал на Ковачевски, тој може да победува само кога се има еден кандидат.
„Единствен кандидат беше Зоран Зев за претседател на СДСМ и доби 99 проценти гласови, единствен кандидат на предлог на Зоран Заев за претседател на СДСМ беше Ковачевски и доби 99 проценти од гласовите, и вчера прогласува победа која што не е негова. Победата во Центар Жупа е на Демократската партија на Турците, а Ковачевски е само споредна улога која што сака да се качи на бранот на таа победа“, рече тој.
Ѓорчев додаде дека е битно што во Тетово како голема општина победи ВМРО-ДПМНЕ, додека во Маврово Ростуше, како што оцени, СДСМ имаше некаков резултат поради притисоците на власта, купувањето гласови, издавањето на лични документи во само еден ден, додека оние што се опозиционери, како што нагласи, со недели чекаат да добијат документи.
Како што оцени Ѓорчев, ВМРО-ДПМНЕ победи во Тетово општина со 85 илјади жители, додека Центар Жупа има 3.700 жители, а Маврово Ростуше околу 5 илјади жители.