Околу 10.000 лица добиле работни визи за Германија, тоа е фрапантен податок. Тоа е пораз на сите владини политики, ги покажува размерите на пустошење и иселување, рече на прес конференција пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Владимир Ѓорчев.
„Имаме фрапантен податок, заменик-амбасадорот на Германија кажува дека со работни дозволи сме дошле до оваа бројка. Ако на тоа се додадат иселените во Австралија, Америка, Малта, Скандинавија, доаѓаме до заклучокот дека Македонија станува пуста и празна земја“, рече Ѓорчев.
Според него, во земјата нема економска активност и инвестиции, туку само иселување. Обвини и дека откако дојде власта на СДСМ, имало и негативни бројки на родени бебиња.
„Во 2019 година се срушени сите негативни бројки за родени бебиња во Македонија. Во 2016 имало 17.400, а во 2019 година имаме 14.600 родени бебиња. Зоран Заев во 2016 година велеше „за живот во Македонија“, а таа негова парола се сведе на „живот во Германија“. Индикаторите се катастрофални. Македонија исчезнува, си заминуваат сите“, додаде опозицискиот пратеник.
А.Т.