Според мене, Бугарија не може да ја дефинираме како класична фашистичка земја, како што може да се каже за тогашна фашистичка Италија или нацистичка Германија. Ние може да ја третираме Бугарија како пронацистичка, профашистичка земја, меѓутоа Бугарија не е фашистичка земја во тоа време, вели копретседателот на заедничката комисија за историски и образовни прашања Драги Ѓоргиев за РСЕ.
-Профашистичка да, меѓутоа фашистичка не. Бугарија не е фашистичка земја, според мене, но и според видувањата на голем број научници на запад, нема фашистичко уредување во Бугарија. Постои еден авторитарен режим на Цар Борис таму, кој го суспендира работењето на бугарското собрание, меѓутоа Бугарија нема фашистичко уредување. Постојат внатре, условно кажано, фашистички движења, кои имаат фашистички идеи во себе, меѓутоа тие не се во рамките на самата бугарска држава, во структурата на владините тела. Така што од тој аспект најсоодветно би било користењето на бугарска окупација, бугарска инвазија, истакна Ѓоргиев.