Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски претпоставува дека денешниот пожар што избувна во напуштено училиште во Пржино и кој беше локализиран, бил подметнат.
-Апелирам до МВР сериозно и до крај да го истражи овој случај бидејќи како што добив информација овде не станува збор за постоечка инсталација која била под напон, туку претпоставувам дека се работи за човечки фактор кој влијаел да дојде до сето ова, објави Ѓорѓиевски.
Градоначалникот им се заблагодари на екипите на Противпожарната бригада и МВР кои и покрај отежнатите временски услови беа на висината на задачата и пожарот е локализиран, што е најважно нема човечки жртви, ниту повредени.
-Нема зафатени ниту други домаќинства наоколу. Исто така сакам да изразам благодарност и на соседите кои излегоа во пресрет и ги ставија на располагање хидрантите од своите објекти, а ние како општина ги ставивме на располагање хидрантите од градинката која се наоѓа во непосредна близина, посочува Ѓорѓиевски, додавајќи дека е спречена поголема катастрофа.
На терен беа излезени екипи на полицијата и четири возила на противпожарната служба од Скопје.