Горивата ги трошат соседите, а намалениот ДДВ го зголемува буџетскиот притисок

„Одлуката на Владата допира до суштината на економскиот баланс – социјален мир наспроти фискална стабилност. Намалувањето на ДДВ е директна интервенција која нуди моментално олеснување за граѓаните и бизнисите, спречувајќи шоковен удар врз стандардот, но оваа мерка е меч со две острила“, изјави за „Локално“ универзитетскиот професор Дејан Трајковски

од Vladimir Zorba
24 прегледи Фото: Локално

Владините мерки за стабилизирање на цените на горивата и намалувањето на ДДВ од 18 на 10 отсто предизвикаа реакции во јавноста и кај политичките партии.

Додека од Владата уверуваат дека снабдувањето е стабилно и дека интервенциите ќе донесат олеснување за граѓаните, опозицијата смета дека мерките се задоцнети и нема да имаат значителен ефект врз цените и животниот стандард.

Економските експерти предупредуваат дека намалувањето на ДДВ-то ќе има негативен ефект врз буџетските приходи и ќе го зголеми дефицитот, што може да доведе до нови задолжувања или кратење на капиталните инвестиции.

„Оваа одлука на Владата допира до суштината на економскиот баланс – социјален мир наспроти фискална стабилност. Намалувањето на ДДВ е директна интервенција која нуди моментално олеснување за граѓаните и бизнисите, спречувајќи шоковен удар врз стандардот, но оваа мерка е меч со две острила. Горивата се едни од најголемите генератори на даночни приходи, па нивното кратење неминовно ќе го зголеми буџетскиот дефицит, што подоцна може да доведе до нови задолжувања или кратење на капитални инвестиции. Со мерките Владата се обидува да ги заштити потрошувачите, но свесно го жртвува полнењето на државната каса. Дали ова е само купување време или одржливо решение, најдобро ќе се види преку следниот ребаланс на буџетот, изјави за „Локално“ универзитетскиот професор Дејан Трајковски.

Фото: Фејсбук/Дејан Трајковски

Критичарите од опозицијата велат дека ваквите мерки се задоцнети, бидејќи инфлацијата веќе ги покачи цените на останатите производи, па намалувањето од 6–7 денари тешко дека ќе ги врати цените во маркетите на старото ниво.

-Ова не претставува оптимален чекор, бидејќи секоја субвенционирана или намалена цена која ја користат странци технички претставува „извоз“ на домашни фискални олеснувања, што секако е загуба за македонскиот буџет. Од друга страна, Владата веројатно калкулира дека таканаречениот „бензински туризам“ носи и индиректна корист преку зголемена потрошувачка на други стоки и услуги, што делумно би го компензирало намалувањето на ДДВ. Иако премиерот тврди дека ситуацијата е стабилна, ризикот постои ако цените останат значително пониски отколку во соседството, бидејќи може да дојде до вештачки недостиг на пазарот. Во таков случај, превентивни мерки или ограничувања би станале неопходни. Ова е класичен пример на балансирање меѓу одржување на слободниот пазар и потребата од заштита на сопствените ресурси во време на криза, вели Трајковски.

Дали само намалувањето на ДДВ е доволно е прашање на кое економистите ретко даваат едногласен одговор, но во моментот оваа мерка се смета за прва помош, а не за трајно решение.

-Намалувањето на ДДВ од 18% на 10% директно влијае на крајната цена на пумпите, но не ги решава системските проблеми како нарушените синџири на снабдување. Иако горивото е поевтино, цените на храната и основните продукти веќе се на високо ниво. Без дополнителни мерки, како замрзнување на маржите на основните производи или директна финансиска поддршка за социјално ранливите граѓани, ефектот од поевтиното гориво брзо ќе се истопи. Најважно е што секој денар помалку во буџетот од ДДВ значи помалку средства за здравство, образование и инфраструктура. Доколку државата не воведе мерки за кратење на непродуктивните трошоци, дефицитот може да стане неодржлив. Ова претставува долгорочен структурен проблем што ниту една влада не сака да го реши, додава Трајковски.

Експертите сметаат дека стабилизацијата бара сеопфатен пакет кој ќе вклучи и енергетска ефикасност и штедење на горивото, наместо само гаснење на моменталните пожари преку даночни олеснувања.

Економскиот експерт Ванчо Узунов смета дека мерките се задоцнети и нема да имаат значителен ефект врз стандардот на граѓаните, односно дека претставуваат само „шоу“ на Владата.

Јутјуб/Принтскрин/ТВ Телма

„Мерките се задоцнети и не се доволни за да го заштитат стандардот на граѓаните. Ова е шоу на Владата дека се грижи за граѓаните, а всушност нејзините реакции се задоцнети, бидејќи цените веќе пораснаа. Со оваа мерка практично ништо не се постигнува, бидејќи цените и понатаму ќе продолжат да растат. Освен на дериватите, ќе се зголемат и цените на храната, средствата за хигиена и услугите. Досега трговците имаа залихи кои ги продаваа по стара цена, но сега, со зголемените трошоци за транспорт и повисоките набавни цени, тие ќе бидат повисоки, вели за „Локално“ Узунов.

Тој смета дека во вакви ситуации треба да се ограничи точењето на нафтени деривати на странци.

-Неограничувањето на точењето бензин на странци не е умна политичка одлука и цената на крај може да ја платата граѓаните и државата. На овој начин може да се намалат државните резерви и ние да треба да купиме нафтени деривати по повисока цена. Нашите резерви кои ги платиле граѓаните ги трошат соседите, додава Узунов.

Од бизнис-секторот велат дека ситуацијата се менува од час во час, па ќе се види како мерките ќе се одразат врз стопанството и економијата.

Фото: OEMVP

„Треба да бидеме во тек, ситуацијата се менува во текот на денот, а цените на нафтените деривати ги следат тие промени. Мерките ќе имаат краткорочен ефект врз цените, но ако продолжи ваквиот тренд, тие ќе влијаат врз секој сектор во економијата. Очекуваме корекции на цените и во градежниот сектор, бидејќи цената на железото се зголеми за 150 евра од тон. Во прехранбениот сектор веќе има нагорни корекции на цените на некои производи како резултат на растот на цените на суровините поради транспортот, вели Нухи Алиу, претседател на Стопанската комора на северозападна Македонија (СКСЗМ).

Според него, никој не може да предвиди како ќе се одвива ситуацијата, ниту пак може да се донесат универзални мерки кои ќе важат за секоја економија.

Ситуацијата е многу сериозна и не се однесува само на цената на нафтените деривати, туку и на снабдувањето. Ова е лошо за бизнисот, бидејќи ако потрае војната, значително ќе се зголемат трошоците во секторите што работат со нафтени деривати. Најлошо е што доаѓаат однадвор, од соседните земји, и ни го трошат нашиот бензин, тоа мора да се ограничи, смета Алиу.

Б.С.