Во Владата нема место за соработници на ДУИ. Директна порака до Арбен Таравари од неговите партнери ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ, ВРЕДИ. И без него владината коалиција е стабилна, а парламентарното мнозинство е двотретинско, велат партиите на власт. Иако ваквиот став беше неофицијален од претходно, од синоќа се обзнани откако едното крило на Алијанса за Албанците и дефинитивно заминува во опозиција.
„Централното претседателство и претседателите на ограноците, одлучија да одат во опозиција“, објави Таравари по состанокот. До оваа одлука дошле поради незадоволства, при што ги спомена балансерот и Законот за јазиците. Таравари рече дека ќе му се вратат на граѓанинот и дека Алијанса за Албанците е уникатна партија. Смета дека Албанците се маргинализирани.
Премиерот Мицкоски веќе го најави пиењето последно кафе со Таравари и му посака здравје, иако не очекувал дека ќе се врати во прегратките на ДУИ. Интегративците, пак, остануваат на ставот за предвремени парламентарни избори поради, како што велат, моноетничноста на коалицијата. „Ова парламентарно мнозинство ги промаши клучните стратешки интереси на државата и затоа се распаѓа. Време е да се преиспита легитимитетот на политичките претставници на предвремени парламентарни избори“, стои во соопштението од ДУИ.
Која е вистинската причина за заминувањето на министерот за здравство?
За дел од јавноста, неносењето на уставните измени и внесувањето на Бугарите во Преамбулата не е главната причина. Политичкиот аналитичар Петар Арсовски смета дека се работи за политички потег на Таравари кој сака сам да излезе на локалните избори. Мисли дека не само неносењето на уставни измени, Балансерот и Законот за јазиците придонесоа ВМРО-ДПМНЕ да ги „троши“ своите албански партнери.

Петар Арсовски
-Не мислам дека Таравари ја пренесува пораката на ЕУ. Сметам дека ЕУ сама ќе си ја пренесе пораката, но секако тоа е дел од калкулациите на Таравари кој цврсто верува дека уставните измени треба да се направат, вели Арсовски за „Локално“ откако во петокот, бриселски медиум „EUalive“ објави дека Европската Унија сè повеќе се дистанцира од премиерот Христијан Мицкоски, наведувајќи ја неговата неподготвеност да спроведе измени во Уставот кои се клучни за напредокот на земјата кон членство во ЕУ.
Соговорникот смета дека во многу е тешко да се прогнозира дали сега ќе имаме предвремени парламентарни избори. Сепак, додава, засега по зборувањето на Владата која има голем политички капитал дури и ако си замине Таравари, мислам дека веројатноста за двојни избори останува многу ниска.
-Да имаше некакви најави за предвремени избори, ќе го видевме тоа во однесувањето на Владата. Ако се распишат, ќе треба веднаш бидејќи има 100 дена Пржинска влада…, истакнува аналитичарот и додава:
-Ако Таравари зборувал со Ахмети, не гледам зошто лидерите на ВЛЕН не би контактирале со други пратеници од Европскиот фронт? Сигурно дека заминувањето на Таравари од владеачката коалиција ќе остави дупка во пратеничкиот состав која мнозинството во Собрание ќе се обиде да ја пополни на некаков начин. Мислам дека е уште рано да зборуваме за конкретни потези со оглед дека Таравари официјално се уште не ја напуштил Владата, заклучува Арсовски.
Од друга страна, аналитичарот и новинар Дритон Зенку ја нагласува констатацијата на Таравари дека Албанците не се застапени во владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.

Дритон Зенку
-На прес-конференцијата на која го соопшти заминувањето од владата, Таравари го нагласи непретворањето на уставните измени и застојот во евроинтеграциите. Тој рече дека Албанците не смеат да бидат кукли во влада. Спомена укинување на „балансерот“ и одложувањето на донесувањето на законот, маргинализација и деградација на Албанците во администрацијата, масовно вработување на Македонци во државните институции, застој во децентрализацијата и предлог-закон што е неповолен. Остави впечаток кога изјави дека се беспомошни пред барањата на избирачите. Албанската опозиција постојано реагираше, додека Таравари само го констатираше тоа, вели Зенку во разговор за „Локално“.
Според него, Таравари со своите забелешки за непреземање на суштински реформи, за блокирањето на евроинтеграциите и за маргинализирањето на Албанците всушност ја рефлектира и „бриселската порака“ дека Владата на Мицкоски нема јасни стратешки определби.
-Иако тој ја пласира оваа критика од позиција на национална несовладливост, во суштина говори за истиот проблем на недоволна транспарентност и недостиг од конкретни политички насоки што и ЕУ го загрижуваат, тврди Зенку.
Како што наведува аналитичарот, анкетите покажуваат дека ВМРО-ДПМНЕ и премиерот и понатаму уживаат значително поголема поддршка од СДСМ и опозицијата воопшто, што ѝ дава на Владата солидно парламентарно мнозинство и простор да ги одложува предвремените избори. Според последната анкета ВМРО-ДПМНЕ е доминантна со гласови од приближно 40 % од испитаниците, додека дури половина од граѓаните не знаат кој ја предводи опозицијата.
-Трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, во кој загинаа 62 млади луѓе, предизвика масовни тивки маршеви и барања за системски промени и морални оставки од семејствата на жртвите. Тие јавно обвинуваат за корупција и неажурност на институциите, што дополнително го наруши кредибилитетот на владата во очите на дел од јавноста. Иако притисокот од протести и разобличувањето на „матни“ зделки создава атмосфера на криза, во сегашната конфигурација политичките партиски интереси и парламентарното мнозинство ја прават опцијата за предвремени избори нереална во следните месеци. Заминувањето на Таравари ја исцрпи краткорочната криза во коалицијата, но самата опозиција сè уште не е консолидирана, а СДСМ сè уште не презеде конкретни чекори за да покрене недоверба или да покани на нови избори. Затоа, во краток рок ќе гледаме продолжување на статус кво-то: власт која го одбегнува ризикот од избори и опозиција која обидувајќи се да ја искористи трагедијата како полигон за критики, сè уште не успева да создаде доволен импулс за предвремен распуст на Парламентот, оценува соговорникот.
Промена на сликата е можно да се случи, објаснува Зенку само доколку: 1. Опозицијата се консолидира околу јасна и сплотена програма за реформи; 2. Граѓанските протести растат до ниво на општествена мобилизација што ќе го загрози легитимитетот на мнозинството; 3. Странските партнери (ЕУ, САД) појасно и директно се вклучат со намера да го поттикнат „моралното одговорење“ на институциите (оставки, техничка влада, предвремени избори).
-Сe додека овие три услови не се исполнат, Владата на Мицкоски ќе продолжи да се држи на коалициската стабилност и конструктивната пасивност, оставајќи ја перспективата за предвремени избори како далечна опција, анализира Зенку.
Еден од лидерите на ВЛЕН, Биљал Касами вчера соопшти дека владеачкото мнозинство ќе се зголеми со пратеници од Европскиот фронт. За соговорникот, ова не е нешто невозможно.
-Во моментов се шпекулира дека владејачкото мнозинство води неформални преговори со Демократската партија на Турците, Демократската партија на Албанците и пратеникот Исмаил Јахоски – се говори за евентуално приклучување на три мандати. Иако во минатото Бејзхан Илијаз, Мендух Тачи и самиот Јахоски јавно ги демантираа овие тврдења, останува отворено прашањето дали нема да следува нов развој. Во јавноста би се создало впечаток дека потенцијалниот премин на Јахоски во владината коалиција е резултат на притисок врз судската постапка против неговиот син, што веднаш би поттикнало сомнежи за политичка мотивираност и за злоупотреба на правосудството како средство за принуда. Секој таков трансфер ќе се толкува како лична зделка – размена на политичка поддршка за заштита на семејните интереси, наместо акција во јавен интерес. Имајќи предвид дека владата се соочува со остри критики за застојот во евроинтеграциите, лошите економски резултати и дискриминацијата по национална основа, не постои јасна и разумна причина еден опозициски пратеник доброволно да го напушти таборот на опозицијата и да се приклучи кон мнозинството, освен ако тоа не е дел од некаква претходно договорена „зделка“, потенцира Зенку.
Интегративците на Али Ахмети вчера, од партиското соопштение, директно порачаа дека Владата веќе го нема легитимитетот на претставување на најголемите етнички заедници во земјава.
-Владата предводена од Христијан Мицкоски не успеа да ја одржи функционалноста на меѓуетничката демократија – главниот столб на долгорочната стабилност на државата. Со заминувањето на уште еден албански партнер, политичкото мнозинство без етнички легитимитет се трансформираше во моноетничка влада. Предупредувавме за ова уште од самиот почеток на создавањето на ова парламентарно мнозинство, бидејќи тоа беше изградено врз монструозната амбиција да се дисциплинира цел конститутивен народ и, според нивните зборови, „да им се покаже местото на Албанците“. Она што е особено загрижувачко е фактот што наместо да ги признае своите неуспеси, премиерот предупредува на уште поостра и поагресивна кампања за зачувување на континуитетот на оваа моноетничка влада, истакнаа од Мала Речица. Оттаму укажуваат дека зад сцената се одвива срамна уцена врз пратениците, функционерите и администрацијата – Албанци, Турци и други претставници на немнозинските заедници.
Н.П.