Град Скопје: Продолжен рокот за субвенции за инвертери

од Берта Китинска
254 прегледи

Град Скопје од денеска го продолжува распишаниот јавен повик за субвенции на инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата, при што граѓаните ќе може да аплицираат и онлајн. Рокот се продолжува поради тоа што со досега пристигнатите барања не се исцрпени предвидените средства.

-Откако Градот Скопје ги обработи пристигнатите 4.282 барања за субвенции и утврди дека не се исцрпени сите средства предвидени за оваа намена, ја информира јавноста дека повикот продолжува и ги повикува граѓаните да аплицираат и на тој начин да придонесат за почист воздух во Скопје, се вели во соопштението од Град Скопје.

Јавниот повик за доделување субвенции за инвертер клима уреди за затоплување на домаќинствата ги опфаќа граѓаните кои купиле инвертер од 1 јануари до денот на исцрпување на средствата. Во Буџетот на Град Скопје за 2020 година за оваа намена се предвидени 322 милиони и 400 илјади денари, обезбедни од Владата на Република Северна Македонија и со овие средства се очекува замена на околу 5.300 печки со инвертери.

-Согласно со условите, на овој јавен повик поради состојбата со коронавирусот, онлајн можеа да аплицираат сите жители (домаќинства) на територија на Град Скопје кои немаат искористено субвенции за затоплување на своето домаќинство од Градот Скопје и кои немаат приклучок или можност за приклучок на централно греење во објектот каде што ќе го инсталираат инвертерот, се вели во соопштението.
Од Град Скопје, појаснуваат дека новитет годинава е што граѓаните за да добијат субвенции за инвертери ќе треба доброволно и без надомест да ги предадат постојните печки на дрва, јаглен, мазут или нафта, а досега се предадени над 1.000 печки на пунктовите во Сарај, Шуто Оризари и во пунктот во Рециклажниот двор на ЈП „Комунална хигиена“ во Карпош. Акцијата во општина Карпош почна вчера, а ќе трае и денеска и утре од 10 до 16 часот.

Средствата што Градот Скопје ќе ги субвенционира се во нето износ не повеќе од 62.000 денари.

Во наредните две години, согласно со условите од јавниот повик, градската или државната инспекција може да врши инспекциски надзор на лицата што добиле субвенција, во однос на тоа да се види дали навистина ги користат инвертерите или е направена измама, за што ќе биде поведена постапка за враќање на финансиските средства.

Сите информации за повикот, како и формуларите за електронското пријавување може да се најдат на следниов веб-страницата на град Скопје.

Слични содржини