Град Скопје за „Локално“: Преку апликација граѓаните ќе имаат информација за слободни паркинг места  

од Берта Китинска
292 прегледи

Воведувањето на паметен паркинг во моментов е пилот модул од проектот „Смарт сити“. Во оваа пилот фаза се тестира технологијата на системот со поставување 100 паркинг сензори за индивидуални паркинг места, кои во следната фаза од имплементацијата на проектот „Смарт сити“ треба да преминат во целосно нов паркинг систем кои на граѓаните ќе им овозможи целосен увид на слободни паркинг места, цената на паркингот, како и нов поедноставен систем на плаќање. Со тоа граѓаните ќе можат однапред да си го испланираат своето движење и паркирање низ градот. Тестирањето се имплементира на два градски паркинга кај ЗОО и кај средното училиште Јосип Броз Тито, велат од Град Скопје во изјава за „Локално“.

Оттаму додаваат се работи на имплементација на проектот „Паметен град“, со кои се подготвуваат поголем број на модули за дигитализација на дел од услугите кои ги нуди Градот и јавните претпријатија.

-Град Скопје со група компании на чело со Македонски Телеком има договор за набавка и имплементација на систем за паметно осветлување и платформа за дигитален град или т.н. „Смарт сити“, во вредност од 401 милион и двесте илјади денари или околу шест и пол милиони. Модулот за паметно паркирање на граѓаните ќе им биде достапен преку апликацијата која исто така е дел од проектот „Смарт сити“ – „Мое Скопје“ – апликација која има тенденција да стане  интегриран комуникациски канал за информациите и услугите на сите градски институции и претпријатија и админитрацијата на Градот Скопје, објаснуваат од Градот.

Слични содржини