Градоначалникот на Косовска Митровица поднесе оставка, по него уште тројца други

од desk2
71 прегледи

Градоначалникот на Косовска Митровица Горан Ракиќ денеска поднесе оставка на таа должност, поради, како што рече, дискриминаторската политика на Приштина, која е насочена против српскиот народ.

Тој истакна дека оставката ја поднесува поради таксите од 100 отсто, после кои децата во Косово нема да имаат храна и услови за нормален живот, поради упадите на РОСУ и поради обидот за убиство на потпретседателот на Српска листа Милан Радоичиќ.

Собранието на општината Митровица донесе Декларација за прекинување на комуникациите со приштинските власти, јави Танјуг. Според директорот на српската Канцеларија за Косово и Метохија Марко Ѓуриќ во текот на денот оставки ќе поднесат градоначалниците и на останатите српски општини.

Градоначалниците на четири општини со мнозинско српско население во северно Косово денеска поднесоа оставки во знак на протест поради воведувањето такса од 100 отсто на производите од Србија и поради минатонеделните апсења во северна Митровица.

Оставките на градоначалниците на Северна Митровица, Зубин Поток, Лепосавиќ и Звечан, во изјава за медиумите, ги потврди лидерот на најголемата партија на косовските Срби, Српската листа (СЛ), Горан Ракиќ.

Четворицата градоначалници оставките ги поднесоа на вонредните седници на општинските совети, на кои се разгледува политичката и безбедносната ситуација во местата со мнозинско српско население по одлуката на владата во Приштина за таксите за производите од Србија и Босна и Херцеговина.

Поради, како што оценува СЛ, се потешката состојба на српското население по одлуката на Владата на Рамуш Харадинај, оваа партија денеска организира протест, кој ќе се одржи на пладне во северна Митровица.