Жена го обвинила градоначалникот на Њујорк Ерик Адамс за сексуален напад, според судските документи поднесени доцна во средата, пренесе Би-Би-Си. Наведено е дека Адамс сексуално ја нападнал жената во 1993 година, „додека двајцата работеле за Градот Њујорк“.
Адамс ги отфрли обвинувањата и изјави за Си-Би-Ес Њуз дека „не се ни сеќава дека ја сретнал“ жената која го тужи. Законот, кој истекува денеска, создаде рок од една година во државата Њујорк за лицата кои доживеале сексуална злоупотреба да поднесат тужби кои инаку би биле блокирани со статутот на застареност.
Поранешниот претседател Доналд Трамп и филмскиот продуцент Харви Вајнштајн се меѓу тужените според законот. Адвокатот на обвинителот ја поздрави важноста на законот бидејќи „им даде можност на толку многу жени да бараат правда“.
Жената која го тужи Адамс бара отштета од 5 милиони долари.
Во моментот на наводниот сексуален напад, Адамс работел како полицаец во Њујорк, а во документот како обвинет е и транзитната канцеларија на министерството.
Зборувајќи за Си-Би-Ес Њуз вчера попладне, Адамс истакнал дека „нападот апсолутно не се случил“.
„Не се ни сеќавам која е таа личност, воопшто не се сеќавам дека сум ја сретнал. Го поминав животот заштитувајќи ги луѓето“, додаде тој.
Ова е само последен во низата правни удари за Адамс, член на Демократската партија. Тој се соочува со истрага за финансирање на неговата градоначалничка кампања пред две години. На почетокот на овој месец, агенти на ФБИ извршиле претрес во неговиот стан и заплениле три електронски уреди, наводно два iPhone и iPad.