Градоначалникот на Општина Пласница на жителите им обезбеди заштитни маски и ракавици

од Берта Китинска
348 прегледи

Мобилни тимови денеска во Општина Пласница делеа 10 000 заштитни маски и ракавици, донација од градоначалникот, Исмаил Јахоски. На сите ранливи групи, стари и изнемоштени лица, хронично болни и семејства на лица со попреченост, во исто време ќе им биде донирана помош во прехранбени производи.

Овој тип донација ќе биде во континуитет спроведувана се додека трае состојбата со корона вирусот. Распределбата започна од вработените во општинската администрацијата, а заштитни маски и ракавици се делат и во локалната амбуланта во Пласница и им се обезбедени сите потребни средства за работа. Градоначалникот Јахоски донираше 10 000 маски и ракавици и за жителите на Општина Долнени и уште 7 000 за жителите на Општина Македонски Брод, вклучително и во Здравствениот дом.

“Мора сите да придонесуваме за намалувањето на ширењето на корона вирусот. Ова не е донација туку помош во моменти кога најмногу треба да се помогне. Важно е сите да сме свесни и одговорни и да седиме дома, намалувајќи ги социјалните контакти на минимум. Мора да се почитуваат препораките за доброто на сите, пред се за доброто на нашите најблиски. Сега треба да помогне кој колку може, а самите помагаме ако ги почитуваме мерките и препораките на Министерството за здравство и Владата”, изјави градоначалникот Јахоски.

Општина Пласница се наоѓа во средишниот дел на Западна Македонија, каде се четири населени места, Пласница, Преглово, Лисичани и Дворци.

Слични содржини