Неспособноста на градоначалникот Спасе Кочовски од ВМРО-ДПМНЕ и неговата администрација да достават навремена и целосна апликација за годишната програма до Министерството за култура е единствената причина што Вевчанскиот карневал оваа година не добил помош од државата, велат денеска од СДСМ.
Од партијата посочуваат дека Кочовски покрај апликацијата, можел и писмено да се обрати до Министерството за култура, но сепак не го сторил тоа, односно не направил ништо за Вевчанскиот карневал да добие финансиска поддршка како што тоа се случувало секогаш во годините наназад.
-Кочовски и ВМРО-ДПМНЕ наместо да бараат алиби да си ја признаат сопствената неспособност и неспособноста на општинската администрација да достават целосна и навремена апликација до надлежното министерство. Единствено тие се виновниците за актуелната состојба и затоа треба да им се извинат на вевчанци, а не да шират лажни вести од белиот дворец, истакнаа од владеачката партија.
Најголемата опозициска партија денеска обвини дека Карневалот во Вевчани остана без поддршка од министерството за култура на Република Македонија.
-Вевчанскиот карневал е во постапка за да влезе на листата на културно нематеријално наследство. Карневалот е препознатлив симбол за Вевчани и Македонија. А, Вевчанскиот карневал останува без помош од министерството и министерката Бисера Костадиновска Стојчевска. Никаков слух од страна на министерката и оваа криминална власт за да се помогне оваа традиционална манифестација по која е позната државава во светски рамки. До пред две години, Вевчанскиот карневал редовно беше дел од годишната програма на министерството за култура, секоја година беа покровители на овој меѓународен карневал, соопштија од ВМРО-ДПМНЕ.