Мадридското дерби добива ново поглавје – Атлетико и Реал ќе се соочат во реваншот од осминафиналето на Лигата на шампионите на стадионот „Метрополитано“ во среда вечер.
Првиот меч на „Сантијаго Бернабеу“ заврши со тесна победа на Реал (2:1), но Атлетико верува дека може да го анулира овој резултат и да избори пласман во четвртфиналето. Диего Симеоне се потпира на неверојатната форма на Хулијан Алварез, како и на фактот дека Атлетико не загубил дома три и пол месеци, со 11 победи и две ремија.
Сепак, традицијата не е на страна на „јорганџиите“ – во Лигата на шампионите никогаш досега не успеале да го елиминираат Реал, губејќи во пет меѓусебни елиминациски дуели, вклучувајќи ги финалињата во 2014 и 2016 година.
Иако Реал ретко победува на „Метрополитано“, статистиката покажува дека и Атлетико нема голема предност дома против својот најголем ривал. Од последните 13 дерби-натпревари на свој терен, Атлетико победил само три пати, исто како и Реал.
Очекувањата се за неизвесен натпревар, а според последните десет меѓусебни средби, најсигурната опција за обложување е играта „ГГ“, бидејќи на сите тие мечеви двата тима постигнале барем по еден гол.
Ќе успее ли Атлетико да ја урне лошата традиција или Реал повторно ќе го покаже својот победнички менталитет во Лигата на шампионите?