Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле 4 милијарди денари

од Vladimir Zorba
348 прегледи

Граѓани, компании и институции од пријавени штети лани наплатиле четири милијарди денари (65,1 милиони евра) што е на исто ниво како и во 2019 година.

Од тоа за штети по полиси за неживотно осигурување компаниите на осигурениците исплатиле 3,57 милијарди денари (58 милиони евра).

Исплатите на штети по основ на осигурување живот изнесуваат 436,9 милиони денари (7,1 милиони евра), покажуваат официјалните податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО).

Сите осигуреници лани во осигурување вложиле 10 милијарди денари (163,7 милиони евра). Во период од пет години (од 2016 до 2020 година) биле купени полиси вредни 48,3 милијарди денари (785,2 милиони евра).

Во последниве пет години во осигурување живот граѓаните вложиле вкупно 7,98 милијарди денари (129,7 милиони евра). За полиси кои покриваат ризици од неживотното осигурување (автомобилска одговорност, каско, имот, општа одговорност, приватно здравствено и други видови осигурување) вкупно се платени 40,3 милијарди денари (655,5 милиони евра).

Продажбата на полиси за осигурување (бруто полисирана премија) лани во споредба со 2016 година е зголемена за 1,35 милијарди денари (22 милиони евра). Бројните ограничувања врз вкупните економски текови и особено врз мобилноста, кои лани ги предизвика здравствената пандемија, негативно се одразија и врз продажбата на полиси. Но благодарејќи на проактивниот пристап и соработката меѓу АСО и осигурителните компании вкупната продажба на полиси лани бележи благ пад од 5 отсто во споредба со 2019 година.

На осигурителниот пазар работат вкупно 16 друштва за осигурување меѓу кои 11 покриваат ризици од осигурување неживот, а 5 компании се специјализирани за осигурување живот.

Слични содржини