За јануари, феврури и март годинава на граѓаните кои скенирале фискални сметки во текот на следниот месец ќе им бидат исплатени 343.803.953 денари или 5,59 милиони евра. Во овој период се скенирани 49.946.278 фискални сметки, остварен е промет од 21.957.355.689 денари, со вкупен ДДВ од 2.292.026.352 денари, соопшти денеска Управата за јавни приходи.
Заклучно со вчера УЈП го заокружи третото тримесечје од проектот Мој ДДВ. Споредбено со првите два квартала зголемување има и кај бројот на корисници на апликацијата МојДДВ, и кај бројот на скенирани сметки, а со тоа и кај повратот на 15 проценти ДДВ кај граѓаните. За првото тримесечје беа исплатени вкупно 186.215.194 денари односно 3.028.000 евра, а за второто тримесечје 233.176.601 денар или 3.791.000 евра.
Исплатата за првиот квартал годинава ќе стартува во мај. Управата за јавни приходи се уште врши исплата за првото и второто тримесечје на сите граѓани кои имале грешки во податоците, а во меѓувреме ги ажурирале.