На сила се мерките за носење на заштита на пределот околу устата и носот, држењето на дистанца и негрупирањето. Сепак, како што посочуваат и надлежните, се помалку се почитуваат препораките, а бројот на заразени не се намалува.
Во последниот период, откако се укинаа речиси сите рестрикции и се воведоа протоколи за функционирање, секојдневно се бележат по над сто случаи на новозаразени со Ковид-19.
Покрај групирањата забележани се и поголеми собири, како свадби, што е забрането во овој период. Граѓаните се се поделени мислења, едни сметаат дека потребно е повторно воведување на рестрикции, како полициски час, други пак дека со мерките не е постигнат потребниот ефект и оти е пресудна свеста на луѓето.
„Како да нема вирус се игра оро без страв…Како се прават свадби кога е забрането…Ниту маски, ниту дистанца, ете така ќе се чудиме после од кде толкави бројки…Веднаш да се воведе полициски час…се дел од коментарите на социјалните мрежи.
Пазарните инспектори пред неколку дена го запечатија влезот на базенот во Виница за кој претходно поднесоа кривична пријава бидејќи сопственикот организирал забава и покрај забраната што е донесена поради пандемијата предизвикана од коронавирусот.
Објектот нема да смее да работи сè додека не се донесат протоколи од Комисијата за заразни болести, чија изработка е во тек. Заедно со базенот, запечатен е и кафе-барот. Забавата на базенот се одржа минатиот викенд, а инспекторите истата вечер интервенираа во неколку објекти.
Претходно, Пазарниот инспекторат го затвори ноќниот клуб „Аватар“ во Струмица, кој исто така доби кривична пријава, а Обвинителството води постапка за клубот „Калипсо“ во Прилеп.
Пазарниот инспекторат веќе најави дека во периодот што следува, па сè до донесување на протоколите за работа, сите ноќни клубови, но и објекти каде што се одржуваат забави, ќе бидат веднаш затворани и гонети пред надлежните органи.
Најмногу новорегистрирани случаи се уште се бележат во Скопје, каде во моментов се активни 1938, во Куманово 257, Дебар 114, Штип 349, Прилеп 51, Тетово 287, Струга 189, Велес 27, Битола 46, Охрид 104, Кавадарци 18, Гостивар 217, Гевгелија 8, Струмица се активни 21, Крива Паланка 8, Радовиш 22, Крушево 10, Кочани 20, Пробиштип 27, Демир Хисар 18, Македонски Брод 6, Берово 1, Виница активни 1, Кратово 7, Свети Николе 192, Кичево 85, Ресен 53, Неготино активни три случаи.