И после поминати пет дена од законскиот рок за исплатата на средствата од мерката „МојДДВ“, дел од граѓаните се уште не добиле поврат од скенирањето фискални сметки. Ова се случува по вторпат од воведувањето на оваа мерка, која е една од ретките кои директно враќа средства кај граѓаните, но, првпат да се поминати толку денови од последниот ден за предвидената законска уплата.
Загрижените граѓани се уште бараат одговор и преку коментари ја објаснуваат ситуацијата:
„Рип МојДДВ, исплата нема“, „Лопови, крадат од ДДВ“, „Не може ни да се скенира ни да се најавиш“, „Катастрофа, со камата нека ни исплатат“…се само дел од реакциите на луѓето кои се уште не добиле финансиски средства на својата трансакциска сметка.
Според Законот за враќање на дел од данокот на додадена вредност на физичките лица кој е донесен во 2019 година повратот се пресметува и исплаќа квартално, а практиката е дека уплатите се реализираат во рок од 60 дена од крајот на тримесечјето.
Се работи за редовниот поврат за четвртиот квртал од 2025 година (октомври, ноември, декември) кој пристигнува на трансакциските сметки. Претходно имаше доцнење во исплатата за третиот квартал од минатата година.
На почетокот на месецов, од УЈП соопштија дека почна исплатата на средства на апликацијата МојДДВ за скенираните фискални сметки. Како што посочија од УЈП, за четвртиот квартал од 2025 ќе бидат исплатени вкупно 924,5 милиони денари кон 526.123 корисници на апликацијата МојДДВ.
„Локално“ праша дел од правните експерти дали граѓаните можат да преземат некакви мерки штом се работи за законска обврска. Добивме потврда дека може да се поднесат тужби.
„Секако дека има. Тоа се превземени обврски од страна на државата. Бидејќи станува збор за облигација – тогаш обврската на државата да го исполни тоа на што се обврзала е неспорна“, рече адвокатот Владо Бангиевски во кратка изјава за нашата редакција.
Според изјавата на директорката на УЈП, Елена Петрова од почетокот на годинава, за 2025 на квартално ниво се издвојуваат околу 14,5 милиони евра за просечно околу 502.000 корисници, а износот расте од година во година. Таа вели дека тоа е околу 4% од годишната наплата на ДДВ, или еквивалент на приближно половина месечен ДДВ приход. Овој ред на големина го потврдуваат и податоците за исплати за еден квартал во 2025 – околу 14,3 милиони евра кон над 502 илјади корисници.
Таа тогаш рече дека не може да каже дека има одлука за укинување на мерката.
„Меѓутоа, кога се работи за таква мерка за која се трошат јавни средства, секако дека треба да се погледне и да се разговара за ефикасноста на мерката и дали мерката ги дава целите заради кои што била воспоставена. Мерката, која беше воведена во 2019 година, требаше да доведе до намалување на сивата економија преку фактот што секој граѓанин го поставува во улогата на даночен инспектор. Ако од тој аспект сакаме да ја процениме мерката, состојбите кои што ги гледаме на терен и состојбите кои што можеме да ги забележиме и внатре, врз основа на сите податоци со кои што располагаме, јасно водат до заклучок дека мерката не го дала посакуваниот ефект“, кажа Петрова во телевизиско гостување.
Проектот „МојДДВ“, претходната Влада го воведе од први јули 2019 година, а преку скенирање фискални сметки се добиваше поврат на ДДВ најмногу до 600 денари месечно односно за едно тромесечје до 1.800 денари. Подоцна лимитот беше зголемен за поврат до 2100 денари.