„Ми причинува особено задоволство што денеска заедно со амбасадорката на Сојузна Република Германија Н.Е. Анке Холштајн присуствуваме на свеченото примопредавање на опрема – донација од Сојузното министерство за внатрешни работи на Сојузна Република Германија за нашето министерство за внатрешни работи“, рече министерот Спасовски на почетокот од своето обраќање пред присутните.
„Неспорен е фактот дека од осамостојувањето на нашата земја до денес, Сојузна Република Германија беше и останува наш доследен поддржувач и партнер, давајќи огромен придонес во нашите напори да изградиме стабилно, демократско и просперитетно општество, подготвено да стане рамноправен член на евро-атланските асоцијации“, истакна министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски при преземањето на возилата и опремата наменети за потребите на Граничната полиција, донација од Сојузното министерство за внатрешни работи, градежништво и татковина на Сојузна Република Германија.
Донацијата, вредна околу 660.000 евра, опфаќа 22 возила, од кои 10 од марката „дачиа дастер“ и 12 од марката „форд фокус“, со вредност од 370.000 евра кои ќе бидат предадени за користење на Бирото за јавна безбедност за потребите на Граничната полиција и техничка опрема во вредност од 290.000 евра, која се состои од: опрема за присилно запирање на возила – модел „Стингер“, oпрема за напредна проверка на документи – модел „Регула“, термални камери со долг домет, батериски лампи, светлечки стоп палки, чизми и флуоросцентни елечиња…