Граничниот полицаец кој го пушти Груби си муабетел со него и не погледнал во мониторот, подоцна избезумено трчал ко мува без глава

од Nikola Popovski
2,9K прегледи

Не сум сигурен за бројките до грам, но, отприлика ако во нивно 7-8 годишно владеење вкупно се откриени околу 11,5 килограми кокаин, во 7-8 месеци владеење на ВМРО-ДПМНЕ, вкупно имаме откриено некаде околу 9,5 килограми кокаин, информира синоќа министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски за апсењето на криминалните групи. Според него, јасно е пратена пораката дека МВР силно и соодветно ќе одговори на сите кои што не работат незаконски.

Во емисијата „Само интервју“ запрашан за граничниот полицаец кој што го пушти екс-вицепремиерот Артан Груби да замине од државата и дали во позадина има и други луѓе кои влијаеле на исходот за бегството, Тошковски информира дека сега веќе нема „крив е кабелот или пајакот“ туку „секој што ќе се огреши ќе одговара со име и презиме“.

-Во конкретниов случај каде е грешката и кабаетот на полицаецот? Наместо да се заврти и да погледне во мониторот кој што му дава информација дека предметното лице е ставено на „стоп листа“, истиот си комуницира со возачот и лицето на совозачкото место. Тоа се гледа од снимките. Не знам зошто така одлучил дека не треба да погледне – тоа му е по опис на работни задачи. Возилото си поминува и после кратко време погледнува во мониторот, се шокира дека лицето е на „стоп листа“ и избезумено трча натаму наваму ко мува без глава како последица на фактот кој што го констатира откако лицето веќе не е македонска територија, кажа министерот во емисијата.

Јавното обвинителство ја испитува постапката во тој дел, при што одземени се телефони и собрани се и други докази.

Како што информираа тогаш од МВР, на 15.12.2024 во 09.06 часот, извршувајќи работни задачи на работно место полициски службеник во Полициската станица за граничен премин Долно Блаце, во кабина на излез од државата, со пропуштање на должен надзор, пријавениот дозволил излез на патничко возило џип „мерцедес“ со конзуларни регистарски ознаки, управувано од А.П. од Скопје, а сопатник бил А.Г. од Скопје, за кого постоела активна мерка „задржи и веднаш извести“, согласно распишана телеграма од Одделот за криминалистичка полиција при МВР. Со ваквото дејствие, полицискиот службеник Б.Ј. му овозможил на А.Г. да оствари излез од државата и покрај внесената мерка „задржи и веднаш извести“, а исто така, со дејствието нанел штета на угледот на МВР.

Тошковски вели дека е сигурен „еден убав ден тие лица ќе бидат изнесени пред лицето на правдата и ќе имаат можност и прилика да ја докажат својата теорија на случај“, мислејќи на Груби и екс-директорот на Лотарија, Перпарим Бајрами.

Слични содржини