Границите на ЕУ повторно се отвораат

од Stefanija Kuzmanovska
Слободата на патувањето е еден од главните симболи на европското обединување. Поради пандемијата на коронавирус, внатрешните граници на Европската унија беа затворени. Некои сега повторно се отвораат, но постепено и не насекаде, пренесува „Дојче веле“.

Затворањето на границите кон средината на март беше шок за многу Европејци. Слободното движење низ Европа, без никакви контроли, беше дел од европскиот начин на живот и предуслов за функционирање на европскиот пазар. Но, во средината на март, одеднаш дојде до крај на тоа. Многу земји, вклучително и Германија, ги спуштија рампите за да го запрат ширењето на коронавирусот.

Затворањето на границите силно се одрази врз одредени гранки на економијата: на пример, сезонските работници од Полска веќе не можеа да влезат во Германија.

Услов – да не се зголемува бројот на новозаразени

Услов за сите планирани олеснувања на мерките во прекуграничниот сообраќај е бројот на новозаразени во соседната земја или во соседниот регион да не почне повторно видливо да се зголемува. Како упатство, германската влада го наведува бројот на педесет нови инфекции на 100.000 жители во последните седум дена. Ако има повеќе, повторно може да се воведат граничните контроли.

Европската комисија особено сака да му помогне на туризмот. Патните ограничувања можат силно да се одразат врз туризмот. Европската комисија сега предлага „постепено и усогласено“ отворање на границите и укинување на контролите, најпрво таму каде има подеднакво мал број на инфекции од обете страни на границата.

Сè поголем притисок

Канцеларката Ангела Меркел не беше толку многу за отворање на границата во Германија толку брзо, како нејзиниот партиски колега, премиерот на Северна Рајна-Вестфалија, Армин Лашет (ЦДУ).

Но тој не е единствениот. Пратеничкиот клуб ЦДУ/ЦСУ веќе зборуваше за „востанието“ на пратениците кои живеат во пограничните области, кои се особено изложени на притисок да ги отворат границите во нивните избирачки места. Станува збор за желба повторно да се оживее економијата, да се обнови патувањето, по долгата корона-пауза, но и за европската идеја: дека Европа е еден голем простор во кој луѓето можат слободно да се движат.

Слични содржини