Грчкиот композитор Микис Теодоракис бара име без терминот Македонија, што му одговори Благој Нацоски?

од desk2
182 прегледи

Познатиот грчки композитор Микис Теодоракис се залага за почитување на одлуката од 1992 година, од состанокот на лидерите на сите грчки политички партии, за неприфаќање на име за северниот сосед со терминот Македонија. Во текст објавен на неговиот сајт, како што јавува дописникот на МИА од Атина, тој ја повикува грчката влада да не отстапува од оваа позиција.

-Секое отстапување од оваа линија ќе има катастрофални резултати за иднината на нашата земја, бидејќи, по осумгодишното ограбување на грчкиот народ што нè доведе до денешната драматична ситуација, единствено што ни останува е да го зачуваме нашиот национален интегритет, пишува 93 годишниот Теодоракис.

Светски познатиот композитор смета дека „владата на Скопје“ е закана за интегритетот на Грција, упатувувајќи апел до грчката влада да остане верна на националната линија од 1992 и порачува дека доволно одговорности има за економската ситуација во земјата.

-Кога не се плашиш да кажеш дека ја сакаш земјата и имаш храброст тоа да го извикаш гласно, тоа не е национализам, тоа е патриотизам. А на Грција денес, повеќе од било кога порано, потребни ѝ се патриоти, наведува 93 годишниот Микис Теодоракис во текстот објавен на неговиот сајт.

Македонскиот оперски пејач Благој Нацоски, пак реши да му одговори на као што вели „големиот грчки композитор Микис Теодоракис“, по повод неговите денешни изјави околу спорот со името:

Маестро Теодоракис, најискрено останав длабоко изненаден читајќи ги Вашите изјави во денешното издание на грчкиот весник Прототема, кои се однесуваат на проблемот што Вашата земја го има со името на мојата татковина. Моето изненадување е од повеќе причини:

– најпрвин, од личност како Вас, признат врвен уметник во целиот свет очекував барем малку повеќе космополитизам и отвореност. Ние, музичките уметници ја имаме таа среќа да работиме една благородна професија која истовремено ни овозможува да патуваме низ целиот свет говорејќи на јазик (музичкиот) кој успева да ги сруши сите ѕидови и сите конфликти. Оваа уметност ни овозможува сите нас да бидеме обединети во едно големо семејство каде што културните разлики помеѓу народите претставуваат едно богатство на човечкиот израз.

– второ, во 1997 Вашето најпознато дело “Гркот Зорба” беше изведено во тогаш МАКЕДОНСКИОТ Народен Театар, денешна МАКЕДОНСКА Опера и Балет, заедно со МАКЕДОНСКАТА Филхармонија, во присуство на Претседателот Киро Глигоров и целокупниот државен врв на Македонија, настан пренесуван во живо од страна на МАКЕДОНСКАТА Радио Телевизија и грчката национална ТВ. Јас лично како ученик во средното музичко училиште во Скопје ги следев сите проби, а мојата мајка учествуваше во изведбата. Тогаш не се сеќавам дека имавте замерка да настапите во главниот град на Република Македонија диригирајќи лично со двата македонски национални оркестри и хор. Во таа прилика го посетивте и гробот на Зорба, кој се наоѓа во гробиштата во Бутел. Токму приказната за Зорба како историска личност и како книжевен лик, би можела да биде еден од позитивните примери и ‘адути’ за проникнувањата меѓу културите на балканските народи, но не како нов ‘мит’ туку како потстрек за барање на конструктивни решенија.

Ова мое обраќање кон Вас сакам да го завршам со енда мисла на авторот на книгата за Гркот Зорба, славниот грчки писател Никос Казанѕакис, која гласи: „Едно време ги делев луѓето на Бугари, Турци, Македонци и Грци, сега ги делам на добри и лоши. А еден ден и тоа нема да го правам, затоа што сите заминуваме во една иста почва…“