Грчките пожарникари, кои истовремено се борат со пожарите во Еврос и на Родопите, се соочуваат со постојани нови разгорувања.
Во Еврос, каде што пожарите траат веќе единаесет дена, се појавуваат нови жаришта во областите Лефкими, Лептокарија и Треис Врисес, a на Родопите во областите Каситера и Кирки, јавува „ЕРТ њуз“.
Најавено е дека денеска во 11 часот во Мегарос Максимос ќе се одржи состанокот на грчката влада за обновување на шумите во Еврос и Парнита.
Министрите вчера отпатуваа за Еврос, каде веќе почнаа да се евидентираат штетите за да се исплати отштета на настраданото население.
Во четврток грчкиот парламент ќе расправа за пожарите, а во петок, според најавите, премиерот Киријакос Мицотакис ќе го посети Родос, кој беше тешко погоден од пожарите во јули.