Грција ги заострува безбедносните мерки на главните аеродроми, околу локации поврзани со Израел и САД поради тензиите на Блискиот Исток

Грчките власти ги заострија безбедносните мерки на главните аеродроми во земјата, како и околу локации поврзани со Израел и САД, поради зголемените тензии на Блискиот Исток, објавува онлајн изданието на весникот „Катимерини“.

од Vladimir Zorba
11 прегледи Фото: Јутјуб/Принтскрин/ЕУ сили во БиХ

Грчките власти ги заострија безбедносните мерки на главните аеродроми во земјата, како и околу локации поврзани со Израел и САД, поради зголемените тензии на Блискиот Исток, објавува онлајн изданието на весникот „Катимерини“.

Портпаролката на грчката полиција, Констанција Димоглиду, денес изјави дека мерките се протегаат надвор од дипломатските мисии и вклучуваат комерцијални и деловни локации поврзани со САД и Израел, кои би можеле да бидат потенцијални цели. Според неа, безбедносните мерки се заострени и на главните аеродроми во Грција, при што полицијата тесно соработува со армијата и тајните служби за справување со потенцијални закани.

Десетици летови од Атина до земјите во регионот се откажани поради тензиите на Блискиот Исток, забележува „Катимерини“.

Веста доаѓа веднаш по нападот со беспилотно летало врз британската воена база во Акротири во југозападниот дел на Кипар, што го објави британската армија во текот на ноќта. Информацијата беше потврдена од кипарските власти утрово, а портпаролот на кипарската влада, Константинос Летимбиотис, изјави дека „надлежните органи веднаш ги активирале потребните безбедносни протоколи“ и дека е свикан советот за национална безбедност.

„Сакам да бидам јасен: Нашата земја не учествува на никаков начин и нема намера да биде дел од никаква воена операција“, изјави денес Христодулидес, откако ги потврди и информациите за нападот со беспилотни летала врз британската база, објави Ројтерс. Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија (ЕК), Урсула фон дер Лајен, изрази поддршка за Никозија, велејќи дека иако Република Кипар не била цел, ЕУ стои „колективно, цврсто и недвосмислено“ зад своите земји-членки.

Слични содржини