Грција во средата објави дека ќе им понуди еднонеделен бесплатен одмор на Родос во 2024 година на туристите кои беа евакуирани поради пожарите на островот во јули.
Туризмот е една од главните гранки на грчката економија, која закрепна од должничката криза во 2018 година, а Родос, деветтиот по големина остров во источниот Медитеран, е една од нејзините најпопуларни туристички дестинации. Пожарот избувна на 18 јули среде островот, а силните ветрови го проширија на источниот и јужниот брег, област со многу одморалишта. Грција објави дека ја извршила најголемата евакуација досега преземена во земјата. Евакуирани се повеќе од 20 илјади туристи и локални жители.
Грчкиот премиер Киријакос Микотакис во средата за британската телевизија ИТВ изјави дека пожарите зафатиле 15 отсто од островот и дека ситуацијата „се вратила во нормала“, но дека разбрале дека пожарот „нанел непријатности кај посетителите“.
„За сите оние чии одмори беа прекинати поради шумските пожари, грчката влада во соработка со локалните власти ќе им понуди еднонеделен бесплатен одмор на Родос, следната пролет и есен, за да се осигура дека ќе можат да се вратат на Родос и да уживаат во неговата природна убавина“, рече тој.
Грчкиот премиер изјави дека пожарите во Медитеранот не се невообичаени, но дека климатските промени го зголемиле нивниот интензитет. Грчките власти во средата објавија дека според првичните проценки се оштетени 45 згради.