Четворица македонски државјани кои минатата година биле уапсени и обвинети дека се членови на криминална група која крадела луксузни автомобили од странски туристи на Халкидики, се осудени на затворска казна во Грција, јави грчката новинска агенција АНА-МПА.
Минатата година грчката полиција открила криминална организација во која биле вклучени шест лица, сите македонски државјани, обвинети за 19 кражби на луксузни автомобили на Халкидики, вредни над еден милион евра. Двајца од обвинетите се уште не се уапсени бидејќи се во бегство.
Тричлениот кривичен суд во Солун на тројца од обвинетите им изрекол казна затвор од 12 и 14 месеци, додека четвртиот е осуден на осум години и десет месеци затвор.
„Фативте погрешен човек“, изјавил обвинетиот кој добил најдолга казна, додека останатите негирале мешаност во случајот.
За учество во истата криминална група се гонат уште две лица, а меѓу нив, според АНА-МПА, е „мозокот на групата“.
Грчката новинска агенција пишува дека според одлуката на судот, осудените преку скриени премини ги транспортирале возилата во Македонија.
Еден од уапсените бил откриен во регионот на Халкидики од страна на полициски службеници на станицата Полигирос, додека управувал возило украдено од странски државјанин со романски таблички, земено по кражба во туристички објект на Халкидики.
За методологијата, грчката полиција подоцна појасни дека членовите на организацијата прво ги лоцирале луксузните возила на туристите на Халкидики, а потоа влегувале во куќите и вилите и им ги краделе клучевите.