Грција утре блокирана од 24-часовен штрајк

Предлог-законот вклучува можност за четиридневна работна седмица, но со по 10 работни часа на ден.

од desk2
16 прегледи

Грчките синдикати објавија 24-часовен штрајк на државните службеници утре, 28 август, во знак на протест против новиот предлог-закон со кој се предвидува продолжување на работното време.

Предлог-законот утре влегува во парламентарна процедура, а беше пречен со критики не само од работниците, туку и од опозицијата.

На штрајкот, како што рекоа, ќе се приклучат и контролорите на летање, но само за 4 часа. Подоцна суд од прва инстанца во Атина нивниот штрајк го прогласи за незаконски. Се очекува штрајк и на бродарите, односно нема да сообраќаат фериботите.

Ќе штрајкуваат и асоцијациите на грчките болнички лекари.

Министерството за труд ги правда предложените измени со аргументот дека тие ќе овозможат поголема еластичност на работното време, што ќе им биде од полза на работниците.

„Целта е да се создадат услови во кои вработените полесно ќе може да балансираат помеѓу професионалниот и личниот живот“, велат од министерството.

Според предложените измени, работодавачите ќе може да воведат до 13-часовен работен ден. Кој ќе го одбие тоа, ќе може да биде отпуштен.

Опозицијата остро ги нападна измените.

„Законот го легализира претераното оптоварување, без реални гаранции за заштита на работникот. Тоа не е модернизација, туку враќање во индустриската ера“, вели еден претставник на опозицијата.

Предлог-законот вклучува можност за четиридневна работна седмица, но со по 10 работни часа на ден. Власта тврди дека тоа на родителите ќе им даде повеќе слободно време.

Некои економисти сметаат дека при продолжени смени над 10 часа, вработените ќе може да добиваат повеќе пари, особено во сектори како туризмот, каде што работата е сезонска и напорна.

Масовни протести ќе има во сите поголеми градови, а во главниот град Атина протестот ќе се одржи на плоштадот Синтагма.

Слични содржини