Гренел: Курти отсекогаш бил антиамериканец

од Nikola Popovski

Поранешниот специјален пратеник на американскиот претседател за преговорите меѓу Косово и Србија, Ричард Гренел, го критикувал победникот на парламентарните избори во Косово, Албин Курти, дека е секогаш антиамерикански настроен.

Гренел, пратеник на поранешниот американски претседател Доналд Трамп, на Твитер напишал дека Курти, лидерот на движењето Самоопределување, во конкретни ситуации бил против четворица поранешни американски претседатели, Бил Клинтон, Џорџ В. Буш, Барак Обама и Трамп, додавајќи дека ќе му се спротивстави на новиот шеф на Белата куќа на Џозеф Бајден.

„Албин Курти беше против Бил Клинтон во Рамбује, беше против Буш во Виена, беше против Барак Обама и (тогашниот потпретседател на САД) Бајден по прашањето за демаркација на границата. Курти беше против Доналд Трамп по прашањето за нормализирање на економските односи (со Србија). Тој повторно ќе биде против Бајден. Курти е постојано против Америка“, напишал Гренел.

Гренел подоцна го критикувал Курти на Твитер за неговиот однос кон Израел.

„Албин Курти и неговата партија Самоопределување сметаат дека државата Израел е изградена врз основа на злосторства. И тој вели дека САД и Велика Британија го поддржуваат тоа злосторство. Ова е опасна реторика за американскиот сојузник“, изјави Гренел.

Во таа порака, Гренел го означил советникот за национална безбедност на Бајден, Џејк Саливан, за да може да го види соопштението.

Слични содржини