Гренел негира дека во Белата куќа се зборувало за поделба на Косово

од Vladimir Zorba
221 прегледи

Специјалниот претставник на Белата куќа за преговорите меѓу Србија и Косово, Ричард Гренел негираше преку социјалната мрежа Твитер дека неодамна разговарал за поделба на Косово со претседателите на Србија и Косово, Александар Вучиќ и Хашим Тачи.

Мислењето дека разграничувањето било тема на состанокот е искажано во интервју за Гласот на Америка од американскиот аналитичар Едвард Џозеф, предавач на универзитетот Џон Хопкинс.

„Тоа се лажни вести. Тоа не е дискутирано во мое присуство. Едвард Џозеф тука бил невнимателен“, објаснил Гренел, пренесува Бета.

Гренел претходно во неколку наврати, исто така и на Твитер, ги негираше тврдењата дека ги повикувал Србија и Косово да постигнат сеопфатен договор, но, исто така, потврди дека ја поддржува спогодбата договорена од преговарачите.

Едвард Џозеф изјави за „Гласот на Америка“ порано дека разговорот на Гренел со Тачи и Вучиќ во Белата куќа е за билатерален договор заснован врз принципот на поделба на Косово.

Вашингтон е фокусиран на економски развој и работни места, но не може да помогне сè додека не бидат укинати 100-процентните такси на косовските власти за увоз на стока од Србија и Босна и Херцеговина, рече подоцна Гренел, истакнувајќи дека политичките прашања ќе бидат решени од двете страни, а не од САД.

На овој начин, тој одговори на тврдењето на еден корисник на Твитер дека народот на Косово едвај чекал да открие што се случува зад сцената во Вашингтон и Брисел, пренесува Танјуг.

„Вашингтон е фокусиран на економски развој и работни места – веруваме дека ова беше игнорирано во дијалогот. Но, ние не можеме да помогнеме кога таксите продолжуваат да му штетат на Косово. Тие прво мора да бидат укинати. Исто така, политичките прашања ќе бидат решени од страна на двете страни, а не од Вашингтон“, напиша Гренел на Твитер.