Гренланд му фрла ракавица во лицето на Трамп: ѝ понуди на Европската Унија договор за ретките минерали

од Љубиша Владимиров
0 прегледи

Министерката за надворешни работи на Гренланд, Вивијан Мотцфелд, изјави дека Гренланд е подготвен да ја продлабочи соработката со Европската Унија (ЕУ), нудејќи ѝ пристап до своите ретки минерали. Ова се случува во време кога американскиот претседател Доналд Трамп ја загрози можноста да го „преземе“ островот.

Во интервју за „Политико“, Мотцфелд истакна дека сака билатералните односи со ЕУ да се развијат и проширят, особено во делот на ретките минерали кои ги поседува Гренланд. Таа нагласи дека освен риболовот, кој веќе е важна сфера на соработка, островот сака да го зголеми партнерството во областите на енергија и критични минерали.

Под замрзнатата почва на Гренланд се наоѓаат околу 40 од 50-те ретки минерали што Соединетите Американски Држави ги сметаат за витални за својата национална безбедност. Овие минерали, вклучувајќи ураниум и графит, се клучни за технологијата и глобалните синџири на снабдување, иако нивните резерви во Гренланд сè уште не се целосно проучени или искористени.

Мотцфелд, исто така, ја критикуваше американската администрација поради објавените информации за шпионирање на Гренланд од страна на САД. По извештајот во „Волстрит џурнал“ дека американските разузнавачки служби собираат информации за островот, данскиот министер за надворешни работи, Ларс Леке Расмусен, го повика американскиот амбасадор за да побара објаснување и да искаже протест.

„Ние сме сојузници и пријатели, и сојузниците не си прават такви работи. Оваа ситуација е нова и за нас и за остатокот од светот“, рече Мотцфелд.

Зголемениот американски интерес за Гренланд следува по претходните изјави на Трамп дека не ја исклучува можноста за воено преземање на островот, а неговиот син и потпретседателот Џ.Д. Венс беа испратени на островот како дел од преговорите. Трамп го посочи натпреварот со Русија и Кина за контрола на Арктикот како главен мотив за својата заинтересираност, наведувајќи дека „преземањето на Гренланд е клучно за безбедноста на САД и на целиот свет“.

Слични содржини