Климатската активистка Грета Тунберг ја обвини политичката и бизнис елита на Светскиот економски форум во Давос во четвртокот дека им дава приоритет на личниот интерес и на краткорочниот профит пред луѓето и планетата.
– Во моментов сме во Давос каде има луѓе кои најмногу го поттикнуваат уништувањето на планетата, луѓе кои се во самиот центар на климатската криза, луѓе кои инвестираат во фосилни горива итн итн., а сепак некако овие се луѓе на кои се чини дека се потпираме за да ги решиме нашите проблеми – изјави шведската активистка.
– Повторно и повторно докажуваат дека тоа не им е приоритет. Тие имаат приоритет на самоалчноста, корпоративната алчност и краткорочниот економски профит пред луѓето и планетата – додава таа.
Исто така, посочи дека е „апсурдна“ ситуацијата што светот се чини дека ги слуша делегатите од Давос, а не оние кои се на првата линија на климатската вонредна состојба.
Имено, Тунберг беше ослободена од притвор на почетокот на неделава, откако беше приведена со други активисти во селото Луцерат, на кое му се заканува уништување поради проширувањето на рудникот за јаглен.
– Вчера бев дел од група која мирно протестираше против проширувањето на рудниците за јаглен во Германија. Полицијата не приведе, но подоцна истата вечер бевме ослободени. Заштитата на климата не е криминал – напиша активистката на Твитер.
Тунберг учествуваше на панел во Давос модериран од CNBC со младински застапници за климата.
Климатската вонредна состојба е една од главните теми на овогодинешниот состанок во швајцарскиот град Давос, на кој се собираат околу 1.500 бизнис лидери.
Обраќајќи им се на делегатите за време на специјалното обраќање во средата, генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, ги критикуваше гигантите од фосилните горива дека ја игнорираат сопствената климатска наука. Тој ја обвини нафтената и гасната индустрија дека сака да го прошири производството и покрај тоа што „знае“ дека нивниот бизнис модел е некомпатибилен со човечкиот опстанок.
„Некои во „Биг Оил“ издадоа голема лага“, рече Гутереш.
– Како и тутунската индустрија, одговорните мора да одговараат – додаде тој.
Тунберг претходно ја критикуваше климатската неактивност на светските политички и бизнис лидери во СЕФ, велејќи во јануари 2019 година: „Нашата куќа гори“.