Грипот не попушта, повеќе од 2.300 нови случаи, зголемен притисок врз болниците

Со почетокот на второто полугодие, училиштата во земјава продолжија со редовна настава и покрај растот на бројот на заболени од грип.

од desk4
6 прегледи Фото: Фејсбук

Министерката за образование Јагода Јаневска изјави дека актуелната епидемиолошка состојба не беше причина за одложување на наставата, посочувајќи дека учениците до 15-годишна возраст и онака имаат околу 900 часа помалку настава во споредба со нивните врсници во Европската Унија.

Здравствениот систем, во меѓувреме, се подготвува за зголемен број пациенти. Матичните лекари апелираат родителите строго да ги почитуваат препораките и децата со симптоми на грип да не се носат во училишта и градинки, со цел да се спречи понатамошно ширење на вирусот.

Од Детската клиника информираат дека моментално се хоспитализирани околу 20 деца, при што ниту едно не е на кислородна поддршка. Во Клиниката за респираторни заболувања се лекуваат 70 деца, од кои 10 се на кислород, а кај 15 е лабораториски потврден грип инфлуенца А. Дополнително, во Клиниката за инфективни болести се хоспитализирани околу 30 пациенти.

Според последниот извештај на Институт за јавно здравје, во изминатата недела се регистрирани над 2.300 нови случаи на грип, што е зголемување од речиси 35 проценти во однос на претходната недела. Од почетокот на сезоната, регистрирани се и два смртни случаи поврзани со грипот.

Надлежните апелираат наставниците, родителите и учениците да ги следат препораките за заштита, додека здравствените установи најавуваат дека се подготвени за зголемен обем на работа во наредниот период.