Грковска: Да изградиме култура во која еднаквото учество на жените во процесите е нешто што се подразбира

од Vladimir Zorba

Еднаквата застапеност на жените во одлучувањето зависи и од тоа колку сме успешни и во борбата против насилството и дискриминацијата на која жените се континуирано подложени. Сметам дека направивме голем исчекор со усвојувањето на Истанбулската конвенција, но можеме и мораме да направиме уште многу повеќе за нејзина имплементација во структурите на системот за да се подобри заштитата и условите во кои живее секоја девојка и жена. Само сеопфатниот пристап ќе даде сеопфатни резултати, вели вицепремиерката за политики добро владеење Славица Грковска во интервју за ЦИВИЛ Медиа.

„Ако зборуваме за легислативата и напорите за системски промени за унапредување на родовата еднаквост, неспорно е дека имаме значаен напредок, особено ако ја споредиме состојбата со 90-тите години од минатиот век, кога транзицијата силно влијаеше да се зголеми јазот меѓу мажите и жените во земјава во секој поглед. Како поранешна парламентарка особено ме радува што квотите придонесоа за речиси изедначено учество на жените во законодавната власт. Но, она што стои како предизвик за целото наше општество е градењето култура во која учеството на жените во одлучувањето за заедничките работи ќе биде нешто што се подразбира. Култура во која жените кои сочинуваат половина од населението би биле исто застапени на сите нивоа на општествено делување и одлучување. Од сегашната перспектива на политичарка задолжена за добро владеење, ова прашање е едно од централните, затоа што едноставно е невозможно да создавате и спроведувате добри и демократски политики ако тие не се инклузивни и ако не ги унапредуваат човековите права на сите“, вели Грковска во интервјуто.

Слични содржини