„Предуслов за ефикасно справување со корупцијата е активната улога на сите чинители на системот. Во овој процес мора да обезбедиме целосен општествен и политички консензус. Владата на Република Северна Македонија, но и сите ние сме исправени пред задачата да создадеме соодветен механизам на превенирање на можните коруптивни дејствија и нивно навремено и правилно сакционирање”, порача заменичката на претседaтелот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска во денешното обраќање на амбасадорската тркалезната маса „Ефективна борба против организираниот криминал и корупција: Европски добри практики и домашна реформска агенда”, во организација на Советот на Амбасадори во земјата.
Вицепремиерката Грковска нагласи дека корупцијата е проблем во сите земји во Европа и во светот и токму затоа справувањето со неа е врвен приоритет.
Корупцијата, додаде таа, го поткопува системот, предизвикува негативни последици на економскиот напредок, а сето тоа влијае на животот на граѓаните и токму затоа се создава разочараност кај граѓаните.
„Верувам дека заеднички, организирано и со квалитетни системски мерки можеме да создадеме ефикасен механизам кој ќе овозможи справување со корупцијата, нејзино превенирање, но и казнување. Од сите нас зависи во какво општество ќе живееме и затоа сите ние, како граѓани имаме обврска да работиме на промена на свеста во оваа насока”, рече вицепремиерката Грковска.
Таа додаде дека унапредување на интегритетот, одговорното, отчетното и транспарентно работење се клучните механизми во ефикасното справување со корупцијата и поставувањето на темели на владеењето на правото, еднаквата правда и казнивоста.