Работната верзија на текстот на предлог Законот за конфискација на имот во граѓанска постапка, која изминатиов месец ја подготвуваше работната група предводена од заменичката на претседателот на Владата задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ќе се достави до Европската Унија и Венецијанската комисија. По добиените мислења, предлог законското решение ќе биде разгледувано на јавна расправа пред пошироката јавност, со цел да се донесе функционален и применлив закон, усогласен со меѓународните стандарди.
На денешниот состанок на работната група, покрај вицепремиерката Славица Грковска, присуствуваше и министерот за правда Кренар Лога. И двајцата се согласни дека овој закон е неопходен за да се зајакне борбата против корупцијата во нашата држава. Со законот ќе се овозможи воспоставување на дополнителен механизам за успешно спречување на неосновано збогатување и конфискација на имот кој не бил стекнат од законски извори.
Работната група која го подготвува овој закон е составена од претставници на: Кабинетот на Заменик на претседателот на Владата задолжен за политики на добро владеење, Државната комисија за спречување на корупцијата, Министерството за правда, Министерството за внатрешни работи, Министерството за финансии, Управата за јавни приходи, Управата за финансиска полиција, Управата за финансиско разузнавање, Царинската управа, Агенцијата за управување со одземен имот, Јавното обвинителство на Република Северна Македонија – Канцеларија за поврат на имот, Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, Основното јавно обвинителство Скопје, Основниот кривичен суд Скопје, Основниот граѓански суд Скопје, Управниот суд, Државното правобранителство, претставник од академската заедница, како и претставници на Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата и Блупринт групата за реформи во правосудството.