Грковска: Предметот за Мијалков пет години се водеше во судските лавиринти, Апелација го држеше девет месеци

од Nikola Popovski

Ова е предмет којшто пет години се водеше во судските лавиринти, уште повеќе Апелација неоправдано го држеше девет месеци и бевме свесни дека е близу до ризик од застарување уште минатата година кога се случи одлуката на Апелација, вели вицепремиерката за политики за добро владеење Славица Грковска во врска со одлуката на судот вчера за запирање на кривичната постапка за нелегалното прислушување во процесот „Таргет-Тврдина“ и за застарувањата на други кривични дела.

Вели дека изразила резерва кога на седница на Влада се предлагале измените на Кривичниот законик токму поради ваквите, како што рече, „можни последици од носењето на таквите решенија“.

Таа смета дека сѐ уште има доволно време, и по толку години, случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и да завршат во ефикасна и правична процедура.

-Апелирам на одговорност на правосудните органи затоа што сѐ уште има доволно време, после толку години, случаите од Специјалното јавно обвинителство да се процесираат и во една ефикасна и правична процедура да завршат и правосудните органи да покажат дека судат исклучиво по закон, без разлика на тоа за кого станува збор. Како што изјавив и пред извесно време, и сега повторувам – да не се однесуваат како поголеми политичари од политичарите, кажа вицепремиерката.

Во овој предмет со обвинението опфатени се поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски и вработениот во УБК Никола Бошкоски, кои се во бегство во Грција, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата. Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби. Прислушувањето директно и индиректно опфатило околу 20 илјади граѓани.

Слични содржини